13 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАИзмени во Законот како гарант за мирот на граѓаните од бучавата од...

Измени во Законот како гарант за мирот на граѓаните од бучавата од угостителските објекти

Image (56)

Согласност од станарите од зградата во неа да има угостителски објект, ревидирање на нивоата на дозволена бучавост во објекти кои се наоѓаат во станбени објекти, индивидуалните објекти да добиваат согласност за ниво на гласност на музика од единицата за локална самоуправа во која се наоѓаат.

Ова се дел од мерките кои се предлагаат во измените на Законот за угостителска дејност, кои ќе одговорат на поплаките од граѓаните, а нема да ја загрозат угостителската дејност, за кои во петок разговараа градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, министерот за економија, Беким Незири, познати угостители од Скопје и претставници на куќни совети од станбените згради.

„Ние не можеме да ги заобиколиме проблемите со кои се соочуваат нашите сограѓани кога станува збор за угостителските објекти што се отвораат во густо населените станбени зони и во станбените згради. Зголемената бучава, гласната музика и џагорот, нерегулираните оџаци, метежот, непрописно паркираните возила, нарушувањето на редот и мирот се само дел од проблемите на коишто се жалат граѓаните и бараат оваа област попрецизно да се регулира. Иако инспекторите на Градот Скопје немаат надлежност да реагираат по пријави за зголемена бучава од угостителските објекти или по основ на непочитување на работното време на локалите, ние сме силно засегнати и заинтересирани оваа област да се прецизира, за доброто на граѓаните. Затоа, очекувам измените на Законот за угостителска дејност да понудат решение токму на овие проблеми, за на крајот никој да не биде оштетен, непријатностите да се отстранат, а на граѓаните да им биде загарантиран мирот и безбедноста“, рече градоначалникот Трајановски.

Министерката Јанкулоска во своето обраќање до присутните истакна дека поводот за денешната дискусија се сѐ позачестените пријави од граѓаните во кои се укажува на пуштање гласна музика, непочитување на работното време и поголемо нарушување на јавниот ред и мир во угостителските објекти, особено во оние што се лоцирани во станбена зграда, со што се нарушува мирот и спокојството на граѓаните и се оневозможува нивното нормално живеење.

„Граѓаните своите пријави ги поднесуваат до Министерството за внатрешни работи, како единствен орган кој во текот на 24 часа презема дејствија за разрешување на ваквата состојба, во согласност со законските надлежности. Министерството за внатрешни работи во текот на 2014 година има поднесено вкупно 714 барања за поведување на прекршочна постапка за прекршоци против јавниот ред и мир, учество, предизвикување или потикнување тепачка, вознемирување со гласна музика, фрлање, кршење на разни предмети, карање, викање и непристојно однесување и друго. За да се надмине ваквата состојба, потребно е да се пристапи кон измена и дополнување на предметниот Закон“, рече Јанкулоска.

Министерот за економија Беким Незири изјави дека целта на овие средби е отворено да се продискутира и да се најде најсоодветно решение за надминување на посочените проблеми.

„Целта на законските измени е да не се нанесе штета на угостителската дејност, но да им се излезе во пресрет и на граѓаните. Нашата цел е да ги штитиме интересите на граѓаните, но и на бизнис заедницата. Затоа, за оваа проблематика најотворено ќе разговараме со сите засегнати страни“, истакна Незири.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП