Американскиот автомобилски гигант „General Motors“ забележа пад во приходите за првиот квартал поради помалата побарувачка од Бразил и Русија, објави „ВВС“.
Компанијата со седиште во Детроит за овој период објави приходи од 35,7 милијарди долари – пад од 4,5% во однос на претходната година.
Нето добивката за трите месеци до 31-ви март е 945 милиони долари, во однос на 145 милиони долари пред една година, кога резултатите беа погодени од трошоците за сервисни акции.
Во март „GM“ објави дека ќе ја затвори својата руска фабрика поради слабата побарувачка.
Резултатите во Јужна Америка, освен од слабата побарувачка од Бразил, биле погодени и од силниот долар.
„Макро средината во Јужна Америка, а најмногу во Бразил, се влоши повеќе отколку што очекувавме“, коментира главниот финансиски директор на „GM“, Чак Стивенс.
Главниот извршен директор Мари Бара сепак останува оптимист.
„Нашите резултати во првиот квартал обезбедуваат солидна основа за постигнување на финансиските обврски за годината. Постојаното спроведување на нашиот план не води кон профитабилен раст, поврат на вложениот капитал и вредност за акционерите“, рече таа.
Претходно во април „GM“ најави продажба на 2,4 милиони возила во првиот квартал, малку помалку од „Volkswagen“ и „Toyota“.
Во моментов „Toyota“ е најголемиот производител на автомобили во светот, откако објави продажба за првиот квартал од 2,52 милиони возила.