27 април, 2024
ПочетнаКУЛТУРАИзложба на Ана Ивановска во Кичево

Изложба на Ана Ивановска во Кичево

Image (51)

Во организација на Н.У. Центар за култура „Кочо Рацин” – Кичево, во петок, во 19 часот ќе се отвори самостојната изложба „Времелов“ на академската уметничка Ана Ивановска.

Ана Ивановска (Скопје, 1982) дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје (2006) во класата на проф. м-р Благоја Маневски, отсек сликарство со насока конзервација и реставрација. Во 2007 година ги завршува испитите за педагошко-психолошка и методска подготовка (Педагошки оддел) на истиот факултет. Постдипломските студии на отсек сликарство ги завршува во 2011 година на Факултетот за ликовни уметности во Скопје кај проф м-р Благоја Маневски.

Член е на Друштвото на ликовни уметници (ДЛУМ) и еден од основачите на уметничката група и уметничкиот простор Арт И.Н.С.Т.И.Т.У.Т. во Скопје, 2009 год. како и еден од седумте членови на групата ‘МОМИ’ основана во 2012 год. Добитник е на наградата ,,Денес” за млад ликовен уметник од Центарот за современи уметности (ЦАЦ) во 2008 год. како и на неколкуте стипендии за уметнички престој на резиденс програмите во Париз (2014), Виена (2011) и Њујорк (2009). Ана беше претставник на Р. Македонија на интернационалниот натпревар на 7мото издание на Франкофонските игри во област скулптура – инсталација во Ница, Франција во 2013 година.

Нејзините дела се претставувани на повеќе самостојни и групни изложби, проекти, перформанси, колонии, уметнички работилници во Македонија (Скопје, Штип, Виница, Куманово, Кавадарци, Охрид, Гевгелија, Берово) и надвор од земјата (Њујорк (САД), Канада, Франција, Холандија, Данска, Русија, Монголија, Кина, Австрија, Италија, Азербејџан, Чешка, Црна Гора, Косово, Хрватска и Бугарија).

„Времето што го живееме е двосмислено до бесконечност, времето е од сомнителна природа, не само што е, наспроти иднината и зачувувањето, повеќе “она што треба да биде-футуриција” само по себе е прогрес и регрес, додека истовремено е развој и стареење, животот се реализира само по себе и се збогатува постојано преку синтеза и учење – консумирајки си ги на овој начин можностите и приближувајќи се така до неантот (ништожноста).

Утре ќе биде Денес, а Денес, Вчера, се во едно и во иста смисла: оваа тенденција на настанување; зошто неповратното настанување има “смисла” и “вокација”! Се она што врви во насока во која врви историјата е исто така пред нас; се она што оди во спротивен правец или плива наспроти текот, во смисол низбрдо, е обратно. Секоја работа треба да стане во смисла на времето, и не да се врати во спротивремето или во спротивна насока на текот на времето… Па дури иако враќањето во ум не е повторно доаѓање од назад, вистинското доаѓање од напред е случувањето… Времеловот е симбиозата на настанувањето и меморијата, а резултатот е доживувањето и искуството, затоа човекот толку мал го краси делото, тоест дејствието, тоест искуството, алтернативата…“, пишува Александар Зиков, за нејзините дела.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП