17 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЦипрас бара од Меркел да ги забрза разговорите за долгот

Ципрас бара од Меркел да ги забрза разговорите за долгот

cipras-merkel-merkel-cipras

Грчкиот премиер Алексис Ципрас побара во четвртокот од германската канцеларка Ангела Меркел да го забрза преговорите околу новата програма за финансиска помош на Грција, во обидот да пронајде 7,2 милијарди евра коишто неодложно ѝ се потребни на земјата.

Според извори од грчката влада на коишто се повикува германската агенција DPA, премиерот Алексис Ципрас на маргините од самите на Европската унија за миграциите во Брисел побарал од германската канцеларка Ангела Меркел да го забрза процесот за постигнување договор за грчкиот долг за кој во февруари се договорија меѓународните доверители и Атина. Средбата меѓу двата политичара, прва по посетата на Ципрас на Берлин во март, се одвивала во „позитивна и конструктивна атмосфера“, рекол грчкиот извор.

„Премиерот побарал забрзување на процедурата за да се спроведе одлуката којашто предвидува прва привремена спогодба до крајот на април“, рекол друг грчки извор за Reuters.

Германската страна директно не го коментирала ова барање, но Берлин е решителен во настојувањата во барањата од Атина да ги почитува обврските којашто ги презема претходната конзервативна грчка влада, а се однесуваат на реформата на пазарот на трудот, пензискиот систем, данокот на промет и приватизацијата во замена за меѓународната помош за спасување на грчката економија.

Агенцијата Reuters ги наведува зборовите на европски функционери кои тврдат дека Меркел ќе испрати порака со којашто бара останување на Грција во еврозоната и избегнување на катастрофата, но дека владата на Ципрас за таа цел би морала во техничките преговори да понуди подетални мерки со коишто има намера да осигури одржливост на јавните финансии.

„Германците на највисоко ниво сакаат да ја задржат Грција во еврозоната и да се изнајде решение, но времето лета и би можело да стане драматично пред Ципрас да постигне договор“, изјавил неименуван висок функционер во ЕУ.

Атина настојува да состави список од реформи и мерки за намалување на трошоците во замена за нужно потребната помош, при што се јасни роковите за отплаќање на кредитите. Министрите за финансии на земјите членки на еврозоната во петок во Рига ќе го разгледаат напредокот во овие преговори.

Грција во следните седмици треба да го исплати обврските на имателите на нејзините обврзници и другите доверители, вклучително и околу 950 милиони евра во почетокот на мај на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и 1,7 милијарди евра за плати и пензии во јавниот сектор, проценуваат грчките медиуми.

Додека Атина инсистира на брз политички договор, Меркел мисли дека тамошната влада во прв ред треба да го исполни барањата на Европската комисија, Европската централна банка и Меѓународниот монетарен фонд, кои се главните странски кредитори на Грција.

Потпретседателот на Европската комисија, Валдис Домбровскис изјави во Берлин дека расте дилемата во врска со ситуацијата во Грција и предупреди дека, доколку се случи нова финансиска нестабилност, Грција ниту оваа година нема да оствари економски раст. Домбровскис смета дека договор нема да биде постигнат до крајот на април, но според него преговорите може да се водат и по истекувањето на рокот зададен за крајот од месецов. Тој очекува дека договорот може да биде постигнат во мај.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП