17 јуни, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАДесет милиони денари за инвентивните претприемачи

Десет милиони денари за инвентивните претприемачи

deset mi denari

Претприемништвото подразбира генерирање нови идеи, кои што треба да придонесат за подобро општество и секојдневно живеење. Преку својата иновативност, младите луѓе имаат можност да ја изразат својата креативност, да превземаат ризици и постепено да го градат својот претприемачки дух.

Ова во четврток го истакна министерот за економија Беким Незири, на свечената церемонија по повод доделувањето на титулата почесен доктор на науки на УАКС на д-р Берт Твалфховен.

Министерот Незири рече дека Програмата за конкурентност, иновации и претприемништво реализира мерки и активности за поддршка и развој на претприемништвото, а со нив се воспоставува тесна соработка и поддршка на бизнис центрите, бизнис инкубаторите и фондациите кои работат на обезбедување поддршка на претприемништвото и МСП, универзитетите и други институции кои имаат заедничка цел – промовирање на претприемништвото.

„Во оваа пригода посебно би го издвоил проектот Организирање на бизнис натпревар ’Биди перспективен започни свој бизнис’, кој годинава го организираме по трет пат и за кој предвидовме буџет од 10 милиони денари. Преку него студентите и младите потенцијални претприемачи аплицираат со бизнис идеи, најуспешните поминуваат обука за преточување на нивните идеи во бизнис план и на крај се пријавуваат на натпреварот со сопствени бизнис планови, а најдобрите се наградени“, рече Незири.

Д-р Берт Твалфховен од Холандија, успешен меѓународен претприемач и мецена на модерниот пристап кон претприемачкото образование, оцени дека претприемништвото во Македонија е на почетокот од својот развој, па оттука се неопходни финансиски олеснувања за старт-ап компании.

„На претприемништвото во Холандија, а да не ја споменувам статистиката во Кина со околу милијарда жители, му требаше долго време за да се развие. Но, тоа доаѓа од семејните бизниси. Така успешните семејни бизниси, како што ги имате овде, треба да бидат главните поддржувачи на овој процес. Во Холандија се практикува намалување на даноците со цел парите да се вложат во старт-ап компании. Она што е значајно е дека е потребно да минат најмалку 5 до 10 години за еден бизнис да се смета за успешен“, вели Твалфховен.

Според него, земји-лидери во претприемништвото во светот се Холандија, Германија, САД и Кина. Посебна новина во овој дел, потенцира Твалфховен е онаа што ја практикува Харвард Универзитетот, според која претприемништвото е присутно во целиот спектар професии во општеството и не се смета исклучиво како бизнис или работа со недвижнини, затоа што лекарите, архитектите се, исто така, претприемачи.

Универзитетот Американ колеџ Скопје (УАКС) го прогласи  д-р Берт Твалфховен за почесен доктор (Doctor Honoris Causa) заради поддршката што тој ја дава за поттикнување на претприемништвото во Македонија. Тој е основач на Европската фондација за истражување на претприемништвото (ЕФЕР) со која УАКС во последните осум години тесно соработува со цел да се иницираат и воведат новини во наставните програми за претприемништво во Република Македонија.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП