21 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАВолстрит во раст и покрај бледите деловни резултати

Волстрит во раст и покрај бледите деловни резултати

Wall-Street000

На Волстрит цените на акциите пораснаа во средата, и покрај тоа што повеќето американски компании се подобри од очекувањата иако не се импресивни, додека во Европа се тргуваше претпазливо.

На европските берзи во средата се тргуваше со забележителна внимателност на инвеститорите. Така, на затворањето од трговскиот ден лондонскиот индекс FTSE падна за 0,49 отсто, 7.028 поени, а франкфуртскиот DAX за 0,60 отсто, на 11.867 поени, додека парискиот индекс CAC зајакна за 0,36 отсто, на 5.211 индексни поени.

Индексот Dow Jones зајакна за 0,49 отсто, на 18.038 поени, додека индексот S&P 500 порасна за 0,51 отсто, на 2.107 поени, а Nasdaq индексот скокна 0,42 отсто, на 5.035 индексни поени.

Сите десет сектори на индексот S&P 500 во средата добија на вредноста, а најмногу технолошкиот 1,1 отсто, благодарејќи на растот на цените на акциите на „Visa“ и „MasterCard“ за околу 4 отсто, откако Кина порача дека ќе го отвори својот пазара за плаќање со картички за странските компании. Значително, за повеќе од 3 отсто, порасна и акцијата на „McDonald’s“, откако овој синџир ресторани за брза храна најави план со кој би требало да направи пресврт во трендот на падот во продажбата.

Самите деловни резултати на компаниите, меѓутоа, не се инспиративни за инвеститорите, Од 120-те компании кои досега ги објавија деловните извештаи, 72 отсто оствариле поголема добивка отколку што се очекуваше, што е над просекот од 70 отсто во претходните четири квартали. Меѓутоа, процените на аналитичарите за заработките се многу ниски, па на компаниите не им е тешко да ги натфрлат, што, пак, оди во прилог на раст на цените на акциите.

Од друга страна, само малку повеќе од 40 отсто од компаниите ги натфрлија очекувањата по прашањето на приходите, што е под просекот од 58 отсто во претходните четири квартали. Тоа е последица од високиот курс на американскиот долар, што предизвикува пад на приходите на американските мултинационални компании на странските пазар. Сепак, се покажува дека компаниите успеваат да ја задржат добивката, но не со зголемување на приходите и ширење на делувањето, туку со намалувањето на трошоците.

„Оваа сезона на објавување на деловните резултати на компанијата е многу мешана, невоедначена, но нема драстични промени во општиот тренд на економското заздравување“, вели за Reuters Мајкл Сансотера, менаџер во „RidgeWorth Large Cap Growth Fund“.

Инвеститорите најмногу ги загрижува како врз деловните резултати на мултинационалните компании ќе влијае високиот курс на доларот, кој само од почетокот на 2015 година зајакна за околу 9 отсто во однос на шесте светски валути од земјите најголеми трговски партнери на САД.

Поради високиот курс на доларот и ниските цени на нафтата, аналитичарите во анкетата на Reuters проценуваат дека заработката на компаниите од составот на S&P 500 индексот, вклучувајќи ги и досега објавените извештаи, во изминатиот квартал паднале за 2,2 отсто во однос на истиот период минатата 2014 година. Приходите, пак, би можело да паднат за 3,1 отсто на годишно ниво.

По затворањето на американските пазари во средата, акцијата на „eBay“ скокна за 5 отсто, бидејќи оваа онлајн трговска компанија извести за поголема добивка во првиот квартал отколку што се очекуваше. Акцијата на „Facebook“, пак, поевтини за 2 отсто, бидејќи оваа социјална мрежа во изминатиот квартал остварила пад на добивката во однос на истиот минатогодишен период и најбавен раст на приходите во последните две години.

Обемот на тргувањето и во средата беше под просекот, што укажува на претпазливост на инвеститорите. На американските берзи сопствениците ги сменија 6 милијарди акции, додека просечниот обем од почетокот на април изнесува 6,2 милијарди акции.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП