Цената на барелот на сировата нафта се спушти во средата на меѓународните пазари под нивото од 62 долари под притисокот на неочекувано високиот скок на резервите од сирова нафта во САД.
На лондонскиот пазар цената на барелот падна за 31 цент во однос на затворањето на тргувањето во вторникот на 61,77 долари. На американскиот пазар, пак, се тргуваше со цена пониска за 54 центи, од 56,07 долари. Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) објави дека цената на барелот од нејзината референтна кошница нафта во вторникот изнесувала 58,84 што значи дека паднала за 66 центи во однос на тргувањето во понеделникот.
Во вторникот податоци на Американскиот институт за нафта (API) повторно покажаа скок на резервите на сировата нафта минатата седмица, за неочекувано високите 5,5 милиони барели.. Аналитичарите на Reuters во анкетата предвидуваа речиси за половина помал раст. Пораснале и залихите во клучниот јазол Кашинг, за 572 илјади барели, објавија од API.
„Резервите во САД значително пораснале. Сите очекуваат да падната резервите во јазолот Кашинг, но тоа не се случи“, толкува за Reuters Оливие Жакоб, од швајцарски „Petromatrix“.
Американската влада подоцна во среда ќе ги објави официјалните податоци за нејзините резерви од нафта.
Саудиската влада, пак, во вторникот соопшти дека ја запира воздушната кампања во соседен Јемен против побунетото шиитско племе Хути, со што се поттикнаа надежите во политичко решение на кризата во регионот во кој се наоѓаат клучните производители на нафтата. Поради тие тензии и цените на нафтата во април пораснаа речиси 10 долар, за потоа повторно да тргнат надолу.
Водечките трговци, притоа, проценуваат дека во оваа година цената на нафатат повеќе нема да паѓа. „Веројатно во вториот квартал повторно ќе забележиме благ пад, но веројатно не под најниските годинешни нивоа“, смета Ијан Тејлор од „Vitolo“, водечката светска компанија за тргување со нафта и деривати.