26 јуни, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНа Волстрит пад на цените, деловните резултати анемични

На Волстрит пад на цените, деловните резултати анемични

New York City - Helicopter tour

На Волстрит во вторникот индексите Dow Jones и S&P 500 забележаа пад по низата анемични деловни резултати во извештаите на компаниите, додека индексот Nasdaq порасна благодарејќи на најавите за преземања во биотехнолошкиот сектор.

На европските берзи, пак, во вторникот цените на акциите пораснаа. Така лондонскиот индекс FTSE зајакна за 0,15 отсто, на 7.062 поени, франкфуртскиот DAX порасна 0,40 проценти, на 11.939 поени, а парискиот CAC 0,10 отсто, на 5.192 индексни поени.

На Волстрит, пак, во вторникот индексот Dow Jones ослабе за 0,47 отсто, на 17.949 поени, додека индексот S&P 500 се лизна за 0,15 отсто, на 2.097 поени, а индексот Nasdaq зајакна, пак, 0,39 отсто 5.014 поени.

Индексот Dow Jones се најде под притисокот на послабите отколку што се очекуваше деловни извештаи на неколкуте компании, меѓу кои DuPont, IBM и Travelers. Во DuPont и IBM во првиот квартал од годинава оствариле помали приходи отколку што се проценуваше, бидејќи растот на курсот на доларот ги подјаде нивните приходи од странските пазари. Цената на акцијата на DuPont падна за речиси 3, а на IBM за повеќе од 1 отсто. Акцијата на Тravelersa, пак, поевтини за повеќе од 4 проценти, бидејќи оваа компанија остварила помала добивка отколку што се очекуваше.

Од компаниите коишто досега ги објавија своите деловни извештаи за првото тримесечје од 2015 година, речиси 73 отсто оствариле поголема добивка отколку што се очекуваше, што е над просекот од 70 отсто во претходните четири квартали. Меѓутоа, само 42 отсто од компаниите ги натфрлиле очекувањата за прашањето на приходите, што е под просекот од 58 процени, во претходните четири тримесечја. Тоа покажува дека успевале да ја одржат добивката, но не со зголемување на приходите и проширување на делувањето, туку со намалување на трошоците.

Инвеститорите најмногу ги загрижува, како на деловните резултатите на мултинационалните компании ќе влијае високиот курс на американскиот долар, кој само од почетокот на годинава зајакна за 9 отсто во однос на шесте светски валути најголеми трговски партнери на САД.

Поради високиот курс на доларот и ниската цена на нафтата, аналитичарите во анкетата на Reuters проценуваат дека заработките на компаниите од составот на S&P 500 индексот, вклучувајќи ги и досега објавените извештаи, во изминатиот квартал паднале за 2,2 отсто во однос на истиот период минатата година.

И додека S&P и Dow Jones во вторникот паднаа, индексот Nasdaq порасна благодарејќи на скокот на цените во биотехнолошкиот сектор за 1,8 отсто, откако израелската фармацевтска компанија Tevа најави преземање на производителот на генерички лекови Mylan. Цената на акциите на оваа компанија скокна повеќе од 8,5 отсто, додека цената на акцијата на Teva поскапе за 1,4 отсто.

Обемот на тргувањата и во вторникот беше под просекот, што укажува на претпазливост на инвеститорите. На американските берзи сопствениците ги заменија 5,9 милијарди акции, додека просечниот дневен обем од почетокот на април изнесува 6,2 милијарди акции.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП