17 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАГрчката влада нареди локалните резерви да бидат префрлени во централната банка

Грчката влада нареди локалните резерви да бидат префрлени во централната банка

Bank-of-Greece-HQGreek-de-004

Грчката влада во понеделникот донесе итна уредба со којашто сите локални управи се повикуваат да ги префрлат своите парични резерви во централната банка на земјата, којашто се соочува со неликвидност.

Уредбата, којашто е објавена во службениот весник на владата, е донесена во моментот кога Грција се соочува со клучните преговори со своите меѓународни доверители, Европската комисија, Европската централна банка (ECB) и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).

„Телата на централната влада се обврзани да ги положат своите парични резерви и да ги префрлат орочените депозити на сметките на грчката централна банка. Прописот е донесен поради вонредно итните и непредвидливи потреби“, се наведува во објаснувањето на одлуката донесена од владата што ја предводи челникот на коалицијата на радикалната левица, Алексис Ципрас.

Грчката влада настојува да постигне договор за условите под коишто ќе се продолжи меѓународната финансиска помош за земјата, како и да ги спроведе веродостојните реформи кои ја вклучуваат ревизија на пензискиот и системот на социјалното осигурување, зголемување на данокот на додадена вредност (ДДВ) и спроведување на приватизацијата на државните компании.

Во Атина се надеваат дека договорот ќе биде постигнат на неформалниот состанок на министрите за финансии на земјите од еврозоната кој ќе се одржи на 24-ти април во Рига, иако од Брисел и од ММФ се песимисти, и тврдат дека досегашните преговори не задоволиле.

Европската комисија напорно работи на сите нивоа за да го олесни постигнувањето на договорот, изјави портпаролот на ЕК, Маргаритис Шинис. Договорот би требало да овозможи деблокирање на последната транша на досегашната програма за помош во износ на 7,2 милијарди евра, меѓутоа европските аналитичари стравуваат дека Атина би можела да остане без пари и пред да биде постигнат конкретен договор.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП