Тутунската индустрија бележи надолна тенденција по сите параметри во сезоната 2014/15 година, што во голема мера се должи на лошите временски услови.
Според податоците на Стопанската комора на Македонија, заклучно со 15-ти март, до кога траеше законскиот рок за откуп на тутунот, биле склучени 34.445 договори, што е намалување за 19 отсто во споредба со 2013/14 година, кога биле склучени 42.367 договори.
Просечната откупна цена на тутунот изнесува 117,2 денари по килограм, што е за 24 отсто помалку во споредба со претходниот период, кога цената достигнала 152 денари.
Пониската цена на тутунот се должи на намалениот квалитет на тутунот, што е паследица на зголемените врнежи и на поплавите во одредени региони на Македонија, истакна Васко Ристевски од СКМ.
Тој појасни дека на почетокот на годината тутунот имал дури 30 проценти на влага, што е многу висок процент, а дури 20 отсто од вкупната реколта отпаѓа на тутун од четвртата класа.
Ристовски информираше дека околу 2.500 земјоделците во источна Македонија се преориентирале од призводство на тутун во произвдство на други култури, претежно на пиперка.
Производителите од продадениот тутун инкасирале вкупно 47,5 милиони евра, а од субвеции им се исплатени 27 милиони евра, што значи дека вкупно добиле околу 73 милиони евра.
Намалување има и кај извозот и увозот на тутун и тутунски производи. Во изминатата сезона биле извезени 23.558 тони, што е пад за осум отсто. Намалена е и продажбата цена на тутунот на 5,4 долари по килограм, наспроти минатогодишните 6,1 долари.
Извозната цена на цигарите била 8,3 долари по килограм, што е намалување за околу девет отсто. Од извоз на тутун и тутунски производи се инкасирани 145 милиони долари, што е околу 20 отсто помалку во споредба со претходниот период.
Во наведениот период биле увезени вкупно 3.187 килограми тутун и тутунски производи, што е пад за 31 отсто, додека за увоз биле издвоени 31,5 милиони долари, што е за девет отсто помалку во однос на претходната сезона.