28 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСтартува електронското аплицирање за ин-витро

Стартува електронското аплицирање за ин-витро

invitro

Матичните гинеколози од понеделник ќе можат да се логираат на порталот на Фондот за здравство и преку специјално дизајнирана алатка електронски да го пополнат и достават барањето за ин-витро за нивните осигуреници.

Новина исто така е што овој начин на поднесување на барање ќе им овозможи на матичните гинеколози и осигурените лица да имаат увид во статусот на нивниот предмет во секое време, преку порталот на Фондот.

Матичниот гинеколог и осигуреникот ќе можат да имаат увид во статусот на обработката на барањето за ин витро (дали е примено во системот, статус на предметот, какво е решението на барањето и кога е донесено решението).

Барањето за ин витро, отсега ќе може во електронска форма да го достави само матичниот гинеколог, а за осигуреното лице да го оствари правото на ин витро, мора да има избрано матичен гинеколог.

Останува обврската осигуреното лице, поради формата и спецификата на медицинската документација, истата да ја достави во оригинал во подрачната служба на Фондот.

Системот на Фондот, со оваа нова алатка ќе има точен увид во реално време, на поднесените барања за ин витро во сите 30 подрачни служби.

„Со овој проект, кратиме дел од бирократските процедури, го забрзуваме процесот на одлучување и го елиминираме просторот за грешки и ќе нема никаква можност за административна неажурност во подрачните служби, бидејќи во секое време, во централата на Фондот, ќе имаме прецизен увид на влезот на предмети за кои ќе има утврден рок за достава до Комисијата која одлучува по барањата за ин витро. Со ова точно ќе може да се утврди дали има застој и ако има, каде е истиот и веднаш да се отстрани. Оваа електронска услуга е дизајнирана да го направи системот, но и работата на админстрацијата ефикасен“, велат од ФЗОМ.

По добивање на позитивното решение од Фондот, осигуреното лице има право само да одбере во која здравствена установа со која Фондот има склучено договор за ин витро, ќе ја искористи здравствената услуга. Здравствените установи кои вршат БПО услуги, а кои имаат склучено договор со Фондот во 2015 година се: Плодност од Битола, Систина, Ремедика, Ултрамедика, Моја болница (поранешна Свети Лазар), Др. Оргаџински, Клиника за гинекологија и акушерство, Гинеко медика од Битола и Инанна систем.

Сите потребни обрасци, упатството за начинот на остварување на правото на БПО на товар на ФЗОМ и сите други информации се објавени на ВЕБ страницата на ФЗОМ www.fzo.org.mk

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП