На повеќето азиски берзи цените на акциите денес паднаа, додека во Шангај и Хонгконг пораснаа, бидејќи инвеститорите очекуваат нови поттикнувачки економски мерки во Кина, еврото расте во однос на американската валута по најавите од Fed, а нафтата го чувствува притисокот од зголеменото производство на OPEC.
На токиската берза индексот Nikkei 225 во претпладневното тргување во петокот беше во минус повеќе од 1 отсто, додека цените на берзите во Сингапур и Австралија паднаа меѓу 0,1 и 1,1 отсто. Берзанските индекси во Јужна Кореја, Хонгконг и Шангај пораснаа, пак, меѓу 0,1 и 2,2 додека MSCI индексот на азиско-пацифичките берзи, без јапонските, беше во благ минус, но во однос на почетокот на седмицата е во добивка од околу 1 отсто.
Најмногу, за повеќе од 2 отсто, претпладнето скокнаа цените на акциите во Шангај, благодарејќи на убедувањето на вложувачите дека кинеските власти наскоро ќе воведат дополнителни поттикнувачки мерки, по низата податоци кои укажуваат на забавување на растот на втората според обемот светска економија. Кинескиот бруто домашен производ (БДП) во првото тримесечје од 2015 година пораснал за 7 отсто во однос на истиот период минатата годија, што е најбавното ниво во последните шест години.
Од истата причина во петокот претпладне пораснаа и цените на акциите во Хонгконг, достигнувајќи го новите највисоки нивоа во последните седум години, додека на другите азиски пазари не владее толку оптимистичко расположение. Најмногу, повеќе од 1 отсто, падна токискиот Nikkei индекс, кои пред една седмица, првпат по 15 години се проби над психолошки важната бариера од 20.000 поени. Меѓутоа, последните денови се движи под неа, бидејќи инвеститорите се претпазливи пред објавувањето на деловните извештаи на јапонските компании следната седмица.
„Иако вложувачите очекуваа високи заработки на компании на крајот од фискалната година, индексот Nikkei би можел да се движи во тесен распон поради претпазливите најави од компаниите“, вели за Reuters Масајуки Кубота, стратег во компанијата „Rakuten Securities“.
Јапонските инвеститори ги загрижува јакнењето на јенот последните денови, што лошо влијае врз приходите на јапонските компании на странските пазари, како и слабиот економски податоци од САД, нивниот најголем странски пазар. А сигналите за забавување на растот на најголемата светска економија ја намалуваат можноста од зголемување на каматите на американската централна банка Federal Reserve (Fed) на кус рок. Во четвртокот, имено, Денис Локарт, претседател на филијалата на Fed во Атланта, изјави дека поради низата последни слаби економски показатели се противи на зголемување на клучните камати на Fed веќе во јуни. Брзо, меѓутоа, додаде дека очекува стабилен раст на економијата.
И поради тоа што зголемувањето на клучните каматни стапки од страна на Fed е сé помалку веројатно, на валутните пазари американската валута е под притисок. Во петокот претпладне доларот во однос на јапонскиот јен се лизна под нивото од 119,00 јени, додека во истиот период в четвртокот чинеше 119,25 јени. Со тоа се оддалечи дополнително од 120,85 јени, највисокото ниво што го достигна седмицава. Американската валута ослабе и во однос на еврото, па цената на еврото достигна 1,0775 долари, додека во четвртокот претпладне изнесуваше 1,0710 долари. Во вторникот еврото се движеше околу 1,06 долари, за ноќта кон петокот во еден момент се проби и над нивото од 1,08 долари.
Цената на нафтата е под притисок, пак, откако во четвртокот Организацијата на членките извознички на нaфта (OPEC) извести за силен раст на производството на нејзините членки во март, и покрај слабата побарувачка на светските пазари. Во петокот во претпладневното тргување, на американскиот пазар цената на нафтата падна за 1,1 отсто, на 56,05 долари за барел, додека на лондонскиот пазар се лизна за 1,отсто, на 63,35 долари.