17 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈААзиските вложувачи внимателни, еврото под 1,06 долари

Азиските вложувачи внимателни, еврото под 1,06 долари

berza azija

На повеќето азиски берзи цените на акциите во вторникот паднаа, како и ден претходно на њујоршки Волстрит, додека во Шангај и натаму силно растат бидејќи вложувачите се надеваат дека Кина наскоро ќе воведе дополнителни поттикнувачки економски мерки.

На токиската берза индексот Nikkei во претпладневното тргување беше во минус од 0,1 отсто, додека цените на акциите во Австралија и Хонгконг паднаа меѓу 0,2 и 0,5 отсто. Берзанските индекси во Сингапур, Сеул и Шангај, пак, пораснаа меѓу 0,3 и 1 отсто, додека MSCI индексот на азиско-пацифичките акции, без јапонските, во претпладневното тргување остана речиси непроменет на највисокото ниво од септември минатата година.

И во вторникот претпладне, како и претходните денови, најмногу скокнаа цените на акциите во Шангај, за околу 1 отсто, достигнувајќи ги новите највисоки нивоа во последните седум години. Тоа е благодарејќи на убедувањето на инвеститорите дека кинеските власти, поради забавувањето на тамошната економија, наскоро ќе воведат дополнителни мерки за поттикнување. А колку растот на втората светска економија забавил, ќе покаже во среда прелиминарната процена на кинескиот бруто домашен производ (БДП) во првиот годинешен квартал. Аналитичарите во анкетата на Reuters очекуваат раст од 7 отсто на годишно ниво, што би било најниското во последните шест години.

На другите берзи во светот, пак, се тргува претпазливо, како и во понеделникот на Волстрит, каде што цените на акциите паднаа. Американските инвеститори стравуваат дека, поради високиот курс на доларот и ниските цени на нафтата, кварталните деловни резултати на американските компании ќе бидат слаби. Седмицава низа американски компании и банки ќе ги објават деловните резултати, а во анкетата на Reuters аналитичарите проценуваат дека заработките на компаниите од составот на S&P 500 индексот во првиот годинешен квартал паднале за 2,9 отсто во однос на истиот период минатата година. Доколку тоа се покаже точно, би бил најслабиот квартал од третиот во 2009 година.

Во фокусот на инвеститорите во вторникот попладне ќе биде извештајот за прометот во трговијата на мало во САД, а се очекува да покаже заздравување на потрошувачката на Американците по слабиот почеток на 2015 година. Веста за растот на потрошувачката би можело дополнително да ги поттикне шпекулациите дека американската централна банка Federal Reserve (Fed) ќе ги зголеми каматите, порано отколку што очекуваат пазарите, што дополнително би ја поддржале американската валута.

А на валутните пазари во вторникот претпладне доларот ослаби, откако во понеделникот неговиот индекс во однос на шесте светски валути од земјите најголеми трговски партнери на САД достигна 99,99 поени, односно највисокото ниво во последните четири седмици. Во вторникот претпладне овој индекс се лизна до 99,39 поени.

Притоа курсот на американската валута во однос на јапонскиот јен падна на 119,85 јени, додека во понеделникот во истиот период од денот изнесуваше 120,45 јени. Американската валута ослабе и кон европската, па цената на еврото достигна 1,0570 долари, откако во понеделникот потона до 1,0519 американски долари.

Високиот курс на доларот е последица на разликите во монетарната политика на САД и на другите најголеми светските економии. Американската Fed наскоро, како што се очекува, ќе ги зголеми клучните каматни стапки, додека другите најважни централни банки во светот уште подолг период ќе водата лабава монетарна политика.

Цените на нафтата, пак, последните денови растат. На лондонскиот пазар цената на нафтата на почетокот од тргувањето во вторникот зајакна за дополнителни 48 центи, на 58,39 долари, додека на американскиот пазар порасна за 46 центи, на 52,40 долари.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП