18 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЦенaтa на нафтата стабилнa близу 57 долари

Ценaтa на нафтата стабилнa близу 57 долари

ceni-nafta-namerikanski-pazar

Цените на барелот сирова нафта се стабилизираа во петокот на меѓународните пазари близу нивото од 57 американски долари, во прв ред поради попуштањето на стравувањата дека договорот за иранската нуклеарна програма за кус период ќе доведе до зголемување на снабдувањето од Иран.

На лондонскиот пазар цената на барелот остана речиси непроменета во однос на затворањето на тргувањето во четвртокот, на 56,80 долари. Значителни промени во цената на нафтата немаше ниту на американскиот пазар, каде со барел се тргуваше по цена од 50,46 долари. Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC), објави дека цената на барел на нејзината референтна кошница нафта во четвртокот изнесувала 53,52 долари, што значи дека паднала за 76 центи во однос на затворањето на тргувањето во средата.

„Договорот со Иран нема нужно да создаде пат за обемно враќање на иранската нафта на пазарот, како што многумина стравуваа“, вели во анкетата на Reuters Хари Чилингиријан од француската банка „BNP Paris“.

Шесте светски сили и Иран на почетокот од април постигнаа рамковен договор за иранската нуклеарна програма, која меѓу другото предвидува и укинување на меѓународните санкции за Техеран, кои ја вклучуваат и нафтата. Откако Вашингтон претходно прецизираше дека санкциите ќе бидат укинува постепено, и тоа само по потпишување на конечниот договор кој треба да биде достигнат до 30-ти јуни, во четвртокот врховниот ирански челник ајатолахот Али Хамнеи побара укинување на санкциите истиот ден кога ќе биде постигнат конечниот договор.

На лондонскиот пазар цените на нафтата се повеќе од преполовени во однос на минатогодишниот јуни, под влијанието на прекумерното нагло зголемување на производството на нафта од шкрилци од САД, што според аналитичарите е дел од стратегијата да ѝ се нанесат штети на Русија којашто огромен дел од својот буџет го пополнува со продажбата на енеренси. Земјите од OPEC, пак, во ноември го задржа производството на договореното ниво за да го одбранат својот удел на пазарите, а клучниот фактор во оваа одлука беше влијателната Саудиска Арабија.

Засега нема сигнали дека Саудиска Арабија го променила мислењето, па министерот за нафта, Али ал-Наими, во вторникот изјави дека производството во март достигнало рекордни 10,3 милиони барели нафта дневно.

„Повеќето основни фактори и натаму укажуваат на пониски цени. Во моментов вишокот на пазарите надминува милион барели дневно“, истакнува Еуген Вејнберг од германската „Commerzbank“.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП