10 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСо 20 млн. денари ќе се враќа автентичниот изглед на Старата скопска...

Со 20 млн. денари ќе се враќа автентичниот изглед на Старата скопска чаршија

car

Министерството за економија со Програмата за поддршка на туризмот за 2015 година издвои 20 милиони денари за поддршка на проекти во Старата скопска чаршија, или за враќање на оригиналниот изглед на дуќаните во Старата скопска чаршија, како една од најатрактивните локации за привлекување на странски туристи, која се вбројува меѓу најголемите чаршии на Балканот.

Ова го потврди  министерот за економија Беким Незири на консултативна средба со градоначалникот на општина Чаир Изет Меџити и државниот секретар во Министерството за култура Бехиџудин Шехапи, каде што тема за дискусија беше проектот за враќање на автентичниот изглед на Старата чаршија во Скопје.

„Министерството за економија со Програмата за поддршка на туризмот за 2015 година издвои 20 милиони денари за поддршка на проекти во Старата скопска чаршија. Во конкретниов случај станува збор за проект кој има за цел да го врати оригиналниот изглед на дуќаните во Старата скопска чаршија, како една од најатрактивните локации за привлекување на странски туристи, која се вбројува меѓу најголемите чаршии на Балканот. Ние, како централна власт и, секако, општина Чаир имаме обврска да ги поддржуваме ваквите проекти, со цел да се привлечат што повеќе странски туристи”, рече министерот Незири.

Градоначалникот на Чаир Изет Меџити рече дека целта на овој проект е да се врати сјајот на Старата скопска чаршија, бидејќи денес во една единствена уличка може да се најдат десет различни излози, изградени од метал, од  дрво и други материјали кои не ја пренесуваат автентичноста на чаршијата.

„За да се врати автентичноста на Старата чаршија како пример го земавме моделот на Сараево, чија чаршија е една од најпознатите и во која сите дуќани и улички се унифицирани.  За реализација на овој проект ќе се користат средства од Програмата ИПА, со кои ќе го вратиме оригиналниот изглед на локалната заедница во чаршијата и на дел од дуќаните во неа. Дуќаните ќе се реновираат, само со согласност на сопствениците, што значи тој сегмент ќе  се изведе само со нивна желба, односно не е задолжителен. Сите трошоци ќе ги покрие општината, во соработка со Министерството за економија“, истакна Меџити.

Државниот секретар во Министерството за култура Бехиџудин  Шехапи рече дека овој проект  е  поддржан од Министерството за култура и дека секоја иницијатива ќе се спроведува во координација со вклучените институции.

Министерот Незири категорично ги отфрли дезинформациите кои беа пренесени во некои медиуми дека овој проект е задолжителен за занаетчиите и сопствениците на дуќани во чаршијата, односно дека се обврзани да ги заменат излозите на продавниците, додавајќи дека иако Министерството за економија и општината Чаир ќе го покријат поголемиот дел од инвестицијата, ова нема да биде направено без согласност од сопствениците и од Здружението „Еснаф“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП