3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАУсвоен план за подобрување на конкурентноста на економијата

Усвоен план за подобрување на конкурентноста на економијата

pesevski press2

Заедничкиот план за имплементација на пакетот мерки за подобрување на конкурентноста на економијата на Македонија т.н. мастер план усвоен е денеска од страна на Националниот совет за претприемништво и конкурентност.

На седницата се поставија темелите за имплементација на вкупно 32 мерки, кои претходно во форма на предлози ги усвои Националниот совет во февруари годинава, откако беа внимателно разгледани од страна на Владата и во целост беа прифатени.

„Предлозите на деловната и академската заедница од страна на Владата се оценети како многу конструктивни, и предвидувањата се дека ефектите од нивната реализација ќе бидат значајни за економијата на Македонија“, изјави вицепремиерот за економски прашања и претседавач со Советот, Владимир Пешевски.

Усвоени се вкупно 32 мерки кои се поделени во девет области, меѓу кои мерките наменети за домашните компании за олеснување на работата на малите и средните претпријатија преку намалување на трошоците за водење бизнис, поттикнување на финансиски инструменти за пристап до капитал, поврзување на домашните компании со странските инвеститори, формирање на Фонд за развој на вештини на работници кај македонските компании, поддршка на големи компании од Македонија и изработување модел за поттикнување на Green Field инвестиции, признание за домашна компанија која на годишно ниво вработила најмногу работници итн.

Пешески нагласи дека не се изоставени ниту мерките за унапредување на заштитата на правата од интелектуална сопственост, посебниот пакет мерки наменети за стратешките инвестициски проекти, односно за унапредување на квалитетот на патната инфраструктура и железничкиот транспорт, како и мерките во делот на образованието за формирање слободни економски зони за истражување и развој за домашни и странски компании со цел поттикнување на оваа дејност и стимулативни мерки за изучување на дефицитарни струки, и поддршка за најдобрите студенти.

За еден дел од мерките, односно проектите кои се содржани во мерките, постои голема можност средства да бидат обезбедени од програмите за претпристапната помош на ИПА за период 2014-2020 (ИПА 2) односно од програмата за Конкурентност и иновации која целосно ја координира Кабинетот на вицепремиерот Пешевски, а предвидени се и ИПА проекти за јакнење на капацитетите на извршната канцеларија и на Советот.

„Она што е најважно во моментов е дека преку Националниот совет за претприемништво и конкурентност за прв пат деловната заедница директно ќе се вклучи во процесот на имплементација заедно со надлежните институции од државата. Ова е еден од најзначајните процеси на дијалог меѓу Владата и бизнис секторот, притоа сите предложени мерки од страна на компаниите преку коморите и здруженијата кои се членки на Националниот совет за претприемништво и конкурентност, беа прифатени и усвоени од Владата и истите ќе се реализираат преку заедничка соработка на државните институции и претставници од бизнис секторот“, изјави Пешевски.

Членови на Советот се претставници на стопанските комори, деловни асоцијации, бизнис-здруженија, образовни и експертски здруженија и факултети. Негова цел е да придонесе за зајакнување на дијалогот меѓу Владата и деловната заедница и да промовира идеи и начела кои ќе овозможат долгорочен и одржлив економски развој на Република Македонија.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП