Дводневниот штрајк организиран од синдикатот на контролорите на воздушната пловидба денеска значително го поремети воздухопловниот сообраќај во Франција, каде што на компаниите им е упатен апел да откажат 40 отсто до планираните летови.
„Денеска во утринските часови на париските аеродроми „Орли“ и „Роаси“ летовите „се откажувани според планот“ и немало откажувања во последен момент, изјавил за AFP извор од аеродромските власти. Забележани се помали доцнења кои „во текот на денот би можеле да се зголемат“, додал соговорникот на агенцијата.
Главната управа за цивилно воздухопловство DGAC поради намалување на гужвите побара во вторникот од воздухопловните компании да откажат 40 отсто од летовите. Контролата на летање, според прописите за штрајк, мора да осигура најмалку 50 отсто од летовите. Компанијата „Air France“ одлучи да задржи 60 отсто од линиите во Европа и речиси сите прекуокеански летови, се наведува во нејзиното соопштение.
Главниот синдикат на француските контролори на летањето SNCTA ги повика своите членови да ја прекинат работата на 8-ми и на 9-ти април, од 16-ти до 18-ти април и од 29-ти април до 2-ри мај. Бараат социјални преговори за организација на работата и продолжување на границата за заминување во пензија од 57 на 59-годишна возраст.
Државниот секретар Ален Видалие изрази во средата жалење поради тоа што синдикатот „се одлучил на штрајк, иако веќе е најавен социјалниот дијалог“ со синдикатите кои треба да започне на 13-ти април.