Соработката за постигнувањето на енергетска сигурност ќе придонесе кон добрососедските односи во регионот, како и за благосостојбата на граѓаните, согласни министрите за надворешни работи на Унгарија, Турција, Македонија, Грција и Србија, кои во вторникот учествуваа на состанокот за енергетска сигурност, кој се одржа во Будимпешта.
„Денешниот состанок во Будимпешта завршува со два клучни заклучоци – првиот е воспоставување на техничка група која ќе ја разгледа економската оправданост и можноста за изградба на гасовод, кој би носел гас од Турција, преку Грција, Македонија, Србија до Унгарија и централно- европските пазари. Вториот заклучок е поврзан со натамошен механизам за следење, дали доколку таа можност се појави би можеле да настапиме заеднички за мобилизирање на финансиски фондови. Така клучна би била и улогата на Европската унија, која во овој домен би била и од помош, за што беше и значајно присуството и на претставници од Европската комисија на овој прв состанок“, изјави шефот на дипломатијата Никола Попоски по завршувањето на состанокот.
„Го потенцираме значењето на гарантирањето на сигурни, непрекинати и прифатливи извори на енергија, особено природен гас за граѓаните и индустриите на нашите земји, и привлекувањето на инвестиции во регионот кои би им помогнале на нашите економии, како и зголемувањето на бројот на работните места“, се вели во заедничкото соопштение на министрите за надворешни работи.