13 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСе воведуваат електронски билети во автобусите

Се воведуваат електронски билети во автобусите

elektronski-bileti-jsp

Се воведуваат електронски билети во автобусите на Јавното сообраќајно претпријатие и во дел од автобусите на приватните превозници и започна инсталирањето на Системот за автоматска локација.

Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, и директорот на Јавното сообраќајно претпријатие – Скопје, Игор Јанушев денес извршија увид во инсталирањето на Системот за автоматска локација и електронскиот систем за наплата во автобусите на ЈСП- Скопје, во  автобазата на ЈСП во Автокоманда.

Со воведувањето на Системот за автоматска локација на возилата и електронска наплата ќе се овозможи од контролен центар да се следат автобусите во реално време, дали се запазуваат пропишаните возни редови, како и можност на благовремени корекции и намалување на времето на чекање согласно со моменталните случувања во сообраќајот на градските улици, како и добивање реална слика за бројот на превезените патници по категории.

„Системот, исто така, дава можност за воведување  нов тарифен систем / нови типови на билети: билет со можност за преседнување од еден автобус во друг, односно од една линија на друга линија, со ограничено времетраење, зонски билет,  дневен билет, неделен билет, викенд билет и др.Во прво време истиот ќе почне да функционира согласно со постојниот тарифен систем, но во иднина постепено ќе се премине на нов тарифен систем. Системот за автоматска локација и електронскиот систем за наплата ќе биде инсталиран во 500 автобуси, од кои 384 автобуси на ЈСП- Скопје, а 116 на приватни превозници,  и граѓаните ќе можат еден билет да користат за возење во автобусите и на приватните превозници и на ЈСП. Средствата од продажбата на автоматските билети ќе ги добива Градот Скопје, а на превозниците Градот ќе им префрла средства по поминат километар. Се надеваме дека со воведувањето на овој современ систем ќе имаме целосна контрола на редот на возење на автобусите. Во моментов опремата е инсталирана на 200 од 384 автобуси, преостанатите се очекува да бидат инсталирани до крајот на месец мај. За реализација на овој проект Градот Скопје ќе издвои околу 3 милиони евра, а се очекува Системот да почне да функционира во месец септември- истакана градоначалникот Трајановски.

Директорот на Јавното сообраќајно претпријатие-Скопје, Игор Јанушев, потенцираше  дека со инсталирањето на овој систем  на граѓаните ќе им се понуди побрз, поквалитетен  и побезбеден превоз. Исто така, го најави воведувањето на три типа билети, односно електронска картичка, којашто граѓаните ќе може да ја користат и во приватните и во автобусите на ЈСП, персонализиран билет, кој ќе биде со фотографија и лични податоци и третиот тип на билети- службени легитимации. Јанушев најави дека системот пробно ќе се пушти во текот на месеците  јули и август.

Воведувањето на овој систем ќе им овозможува на граѓаните плаќањето да го направат со мобилен телефон,  во готово, со  кредитна картичка и  со смарт картичка.

На  располагање  на граѓаните ќе им бидат 61 место за надополнување и продажба на картички во кои влегуваат и три автономни автомати за издавање и дополнување на картичките.

Патниците ќе бидат навремено информирани за тековната и следната постојка, како и некои други битни информации во врска со превозот (прекин на одредена линија и слично).

Исто така, на  автобуските стојалишта ќе има над 50 информациони дисплеи за пристигнување на автобусите, испраќање SMS порака преку која патникот ќе добива информација за неколку следни пристигнувања на автобус на бараната линија, преку веб апликација на која покрај времето на пристигнување на одреден автобус на одредена постојка, ќе биде на располагање и т.н. планер на патување кој ќе го дава најкраткиот и најбрзиот пат помеѓу 2 места во Градот со користење на јавниот превоз.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП