19 април, 2025
ПочетнаИНТЕРЕСНОБуџетите во 2014-та година на Ф1 тимовите

Буџетите во 2014-та година на Ф1 тимовите

Turkish Formula One Grand Prix: Race

Формула 1 тимовите заедно ќе потрошат ситно над 2 милијарди евра. Најскапиот октански циркус со право го носи тој епитет. Евидентна е нерамномерноста во буџетите.

Додека великодушниот Матешич обезбеди 425 милиони евра за својата играчка, „чергата“ на Марусија е 6 пати пократка, само 60 милиони евра. Ред Бул и Ферари заедно, трошат речиси 41% од вкупниот буџет. Мерцедес освои титула со буџет од 300 милиони евра, речиси 27% покус од тој на Ферари и 29% од оној на Ред Бул.

Дека не победуваат секогаш парите и тимовите со најголеми буџети доказ е и Формула 1, сезона 2014-та година.

1. Ред Бул – 425 милиони евра (20,8%)

F1 Testing in Jerez - Day Four

Најголемиот трошаџија во Формула 1. Ред Бул лани имаше буџет од 425 милиони евра, при тоа освојуваќи 405 поени или во превод секој поен е платен над 1 милион евра. Ова беше буџет со кој Ред Бул влезе во сезоната како актуелен шампион. За овие пари, Матешич доби и три највисоки места на подиумот, сите од вториот, „поефтиниот“ возач како и 8 трети места. Ред Бул има речиси 21% од вкупниот буџет, затоа сите се подзагрижија со овогодинешните најави за напуштање на спортот.

2. Ферари – 410 милиони евра (20%)

Formula One World Championship

Ферари е познат како тим кој секогаш е во врвот со својот буџет, едноставно спонзорите се тепаат за „потпис“ на црвениот болид од Маранело. 410-те милиони евра кои беа потрошени лани на тимот му донесоа само 4-то место кај конструкторите со 216 освоени поени или во превод секој поен е платен со 1,9 милиони евра. Само возачкиот двоец (Алонсо и Раиконен) го чинеше Ферари околу 50-60 милиони евра. Но, овие вложувања му донесоа на „црното коњче“ и само три незавршени трки. Толку вложени пари за едно второ и едно трето место. Крајот на сезоната донесе радикални промени, како во технички така и во возачки аспект.

3. Мерцедес – 300 милиони евра (14,7%)

mece f2

Германците како и секогаш феноменално менаџираат со се, па и со финансиите. Двојна титула, само 3 трки отстапија на конкуренцијата (на трите победи Ред Бул) и вкупно 701 освоен поен (428 илјади евра за секој поен). Мерцедес едноставно блескаше „за сите пари“. Очигледно тимот што победува не се менува, така „сребрената стрела“ влезе и во оваа сезона исто онака како што излезе од претходната.

4. Мекларен – 230 милиони евра (11,2%)

McLaren-Honda-Pardaphash-82987

Разочарувачка сезона, според вложувањата и добивките, на рангот со Ферари. 230 милиони евра буџет беше доволен за 5-то место кај конструкторите и само два подиуми (2-ро и 3-то место во Австралија). Мекларен се решија за еден „искусен лисец“ платен со 7 нули и еден релативно млад и не толку скап возач. Секој освоен бод го чинеше Рон Денис вртоглави 1,3 милиони евра. По ваква сезона, реномето на Мекларен не дозволуваше „да се каска“ во место. Се решија за коренити промени, докажаниот Мерцедес заменет со Хонда.

5. Лотус – 160 милиони евра (7,8%)

Lotus (1)333

Големи вложувања без никакви резултати – опис на сезоната за Лотус. Само три топ-10 финиши, 11 незавршени трки и една воопшто не стартувана. 10 освоени поени за 160 милиони евра, лесно е да се пресмета дека 16 милиони евра беа инвестирани во Гросжан и Малдонадо за секој освоен поен. Во 2015 година влегоа со истиот возачки двоец, но Рено го заменија со Мерцедес и судејќи по првите две трки, за нијанса се подобри од лани.

6. Вилијамс – 150 милиони евра (7,3%)

Infiniti to Partner Red Bull Racing

Стариот лисец, Френк Вилијамс, одигра мудро и искусно. Освои трето место во генералниот пласман со тројно помалку пари од вториот, а двојно помалку од првиот. Изненадувањето на сезоната, Вилијамс, вложи 150 милиони евра во својата програма и освои 320 поени (470 илјади евра/поен). Маса и Ботас донесоа три втори места и шест трети места. Логично, по така успешна сезона, Френк се реши за еволуција и продолжување на тоа што е веќе започнато.

7. Заубер – 85 милиони евра (4,2%)

sauber3253

Очајна сезона без освоен бод. Без топ 10 пласман и со 13 откажувања во текот на сезоната. Гутиерез и Сутил со право не се во тимот и оваа година. Стар добавувач на мотор и нов возачки тандем (Наср и Ериксон) и одма 5-то и 8-мо место во Австралија и нов пласман во бодови во Малезија. Вистински промени.

8. Торо Росо – 80 милиони евра (3,9%)

Toro-Rosso777

Бекапот на Матешич имаше сезона за 7-мо место со 30 освоени поени (2,7 милиони евра за поен). Тимот каде Ред Бул ги пробува своите возачи, лани настапувше со Верње и Квјат, кој годинава е прекомандуван во „прв состав“. Со 10 пласмани во топ 10, 8-мо место во Австралија како најдобро постигнување – не толку лоша сезона за Торо Росо. Годинава има двајца дебитанти во кокпитот со малку години, но високо реноме. Судејќи по првите две трки, Сајнз и Верстапен ја оправдуваат прашината која се крева зад нив.

9. Форс Индија – 75 милиони евра (3,7%)

Sahara-Force-India-1

Второ изненадување по Вилијамс. Тимот освои 155 поени (6-то место) со буџет од 75 милиони евра (484 илјади евра е платен секој поен). Перез и Хулкенберг одлични, со право си добија и нови договори. Најдобар пласман – 3-то место во Бахреин. Почетокот на 2015 – не така добар.

10. Катерхам – 70 милиони евра (3,4%)

caterham

Тимот кој повеќе го нема, а еве и зашто. 70 милиони долари потрошени без да се освои ниту еден единствен поен. Најдобар пласман 11-то место. Последните 3 трки – речиси и да ги немаше. Се обиде и Ериксон кој сега си најде место во Заубер, проба и Стивенс кој сега се вдоми во Марусија, а ниту Кобајаши или Лотерер не направија ништо.

11. Марусија – 60 милиони евра (2,9%)

marusija2 4

Тимот кој едвај се спаси од банкрот пред почетокот на оваа сезона, може да биде задоволен. Со 10 милиони евра помалку од Катерхам и 25 милиони евра помалку од Заубер, Марусија освои 2 бода, оние на несреќниот Бјанки. Многу критикувани, најпрвин поради не-настапот во Австралија, а потоа и поради настапот со еден болид во Малезија, Марусија како-така стигна до завршена трка во Сепанг.

Импресивно, нели?

Извор: круг.мк

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП