Курсот на американскиот долар на меѓународните валутни пазари во петокот забележа намалување, притиснат од слабите статистички податоци за вработеноста во САД.
Според податоците од пазарите во 19 часот по македонско време, индексот на доларот, односно курсот на американската валута во однос на шесте валути од земјите најголеми трговски партнери на САД, забележал пад од 0,90 отсто, на 96,65 поени, откако во четвртокот падна за 0,51 отсто, до 97,62 поени. Со тоа повторно се оддалечува од највисокото ниво во последните 12 години од 100,39 поени, на кое се искачи пред три седмици.
Курсот на еврото закрепна, така, на 1,0985 долари за евро, од вредноста од 1,0881 долари за евро, колку што изнесуваше на затворањето на тргувањето во четвртокот.
Доларот забележа пад и во однос на јапонскиот јен, и изнесуваше 118,97 јени, наспроти 119,72 јени во четвртокот.
Претходно во петокот американското министерство за труд објави дека стапката на невработеност во март останала на нивото од февруари, на 5,5 отсто. Показателот се совпадна со предвидувањата на аналитичарите. Бројот на работните места во неземјоделскиот сектори на американската економија, според министерството, се зголемил за 126 илјади, додека експертите очекуваат раст на показателот за дури 245 илјади.
„Ова е уште еден негативен статистички показател. Тие го зголемуваат притисокот на динамиката на курсот на доларот“, вели за The Wall Street Journal Ричард Кочинос, главниот стратег за валутните пазари во њујоршка „Citigroup“.