4 мај, 2024
ПочетнаКУЛТУРАМакедонскиот уметник Томе Мишев изложува во Софија

Македонскиот уметник Томе Мишев изложува во Софија

Image (24)

Во средата навечер во Културно-информативниот центар на Република Македонија во Софија беше отворена самостојна изложба на нашиот познат ликовен уметник Томе Мишев.

Изложбата, која заеднички ја организира Националната галерија на Македонија и нашиот Културен центар во Софија ја отворија директорите на двете институции Маја Неделковска-Брзанова и Васко Шутаров.

Станува збор за второ самостојно претставување на нашиот ликовен уметник, после неговата прва самостојна изложба во главниот град на Бугарија, во 1999 година. Мишев на изложбата се претстави со 14 дела, во кои преовладуваат теми од топлото поднебје на неговото потекло и работно творештво.

„Црвената, сината, жолтата и зелената се четворозвучие кое доминира на сликата, а нанесени се со силни и смели потези од густа боја. Светлоста избива од бојата, се распрскува по сликата и и` дава нови звуци на оптимизам. Неговата боја не е без душа, празна колористичка игра, туку таа е негова внатрешна потреба, поезија и драма, негов живот кој остава траги (на мали и големи формати), силна енергија со лични печати во сведоштвото на поднебјето и времето кое Мишев го живее”, напиша во каталогот по повод оваа изложба Љиљана Мисирлиќ, ликовен критичар од Бања Лука.

Томе Мишев е роден 1958 година во Струмица. Дипломира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје и е член на Друштвото на ликовни уметници на Македонија.

Има реализирано бројни самостојни изложби (Р. Бугарија, Босна и Херцеговина, Франција, Германија), бил учесник на многу групни изложби (Кина, Чиле, САД, Бугарија) и добитник на значајни македонски награди за ликовна уметност.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП