3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАГрција се закани со одложување на исплатата кон ММФ ако не добие...

Грција се закани со одложување на исплатата кон ММФ ако не добие помош до 9-ти април

Grcka_BetaAP3

Грција ќе ја одложи исплатата на долгот во износ од 460 милиони евра, кој владата треба да го врати во Меѓународниот монетарен фонд до 9-ти април, се закани грчкиот министер за внатрешни работи Никос Вутцис во интервјуто за германското издание Spiegel-online, објавено во средата.

Атина мора во април да плати вкупно 820 милиони евра различни побарувања, од кои 460 милиони евра на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), и да издаде 2,4 милијарди евра трезорски записи за државата да може да функционира.

„Од август (2014-та) ние не сме добиле ниту евро, во светот не постои ниедна друга земја којашто си ги плаќала долговите само од сопствени ресурси, без да земе кредити“, вели Вутцис.

„Доколку до 9-ти април не добиеме нови средства, ние прво ќе ги исплатиме платите и пензиите во Грција, а потоа ќе бараме од нашите странски партнери одобрување и разбирање за тоа што не можеме да ги вратиме во рокот 460-те милиони евра во ММФ“, истакна грчкиот министер. Одложувањето на рокот за исплатата мора да произлезе од „договорот со кредиторите, за да се избегне неплаќањето“, додава Вуцис.

„Пари (грчката влада) ќе има само до средината на април“, предупредува. Според оцената на Вутцис, првата транша од 7,2 милијарди евра од сегашната меѓународна финансиска помош може да биде одобрена најрано во почетокот на мај, доколку предлогот за реформи биде одобрен од доверителите, Европската комисија, Европската централна банка и ММФ. Поради тоа, властите во Атина се обидуваат да добијат пари од други извори, појаснува Вутцис.

„Ние сакаме да добиеме 1,9 милијарди евра од фондот за спасување на банките, кои таму се задржани веќе неколку месеци“, додава Вутцис. Покрај тоа, неговата влада „сака да поврати 1,2 милијарди евра од Европскиот фонд за финансиска стабилност (EFSF), кои беа таму пренесени по грешка“, истакна грчкиот министер за внатрешни работи. Владата на радикалната левица на премиерот Алексис Ципрас смета дека Грција уплатила двојно повеќе пари во фондот чија намена е спасување на помалите финансиски институции отколку што било потребно, и има намера да ги поврати тие средства.

Доколку Атина не го намири долгот кон ММФ до 9-ти април, ќе ги прекрши одредбите на Фондот, што ќе претставува преседан во историјата на оваа светска финансиска институција, забележува Der Spiegel. Грчкиот премиер Ципрас, уште на 15-ти март во писмото до германската канцеларка Ангела Меркел предупреди дека може да дојде до одложување на исплатата доколку Атина набрзо не добие краткорочна финансиска помош.

Во средата беа продолжени преговорите меѓу еврозоната и Грција за списокот реформи кои Атина мора да ги предложи за да ја добие помошта којашто ѝ е неопходна и таа работа ќе продолжи, но засега нема да има состанок на министрите за финансии од земјите членки од еврозоната, дознава AFP од европски извори.

Во средата доцна попладнето беше одржана телеконференција на експертите на еврозоната ткн Euro Working group, која ги анализираше состојбите во Грција.

„Овие денови нема да има напредок. Продолжуваме со техничката работа во Атина. Еврогрупата (министрите за финансии на еврозоната) не е на повидок“, изјавил соговорникот близок на преговорите, закопувајќи ги надежите на Атина која сметаше дека договор ќе биде постигнат оваа или на почетокот од наредната седмица.

Зеленото светло од доверителите за списокот реформи коишто Грција мора да ги спроведе е ден од неопходните услови за одобрување на делот од меѓународните заеми. ЕУ и ММФ сакаат да бидат сигурни дека владата на Ципрас, којашто заговара напуштање на острите мерки на штедење, ќе преземе нови обврски во врска со реформите, а да не го загрози буџетот и да ги зголеми буџетските приходи.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП