19 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАInvest Macedonia - партнер на македонските извозни компании

Invest Macedonia – партнер на македонските извозни компании

sekerovski

Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Република Македонија, покрај фокусот на привлекување на нови странски директни инвестиции, подеднаква важност и значење посветува на преземање континуирани мерки и активности за поддршка на домашните компании во насока на олеснет пласман на нивните прозводи и пристап до нови пазари.

Во контекст на заострените глобални економски трендови, Агенцијата ја препознава исклучителната важност од потребата за сеопфатна поддршка и континуирана промоција на домашните компании на надворешни пазари, како и претставување и брендирање на домашните производи во насока на нивна зголемена препознатливост за квалитет што ќе овозможи склучување на договори за соработка со нови деловни партнери и олеснет пристап до странски пазари.

„Преку зголемен извоз до нови работни места и повисок економски раст“ е мотото со кое првиот човек на Invest Macedonia г-динот Климент Шекеровски ја отсликува важноста од насочено, таргетирано и фокусирано делување во сегментот зголемување на извозот на домашни производи кој не треба воопшто да се занемари на сметка на сегментот привлекување на странски директни инвестиции.

Г-динот Шекеровски истакнува дека поттикнувањето на извозот на домашни производи претставува исклучително важен аспект во работата на Агенцијата со која раководи и во континуитет се преземаат серија активности кои треба да им помогнат на домашните компании и потенцијалните извозници да бидат идни катализатори на економскиот раст на македонската економија преку зголемување на обемот и вредноста на нивните извозни активности, а со тоа  и обезбедување на долгорочна одржливост и поголема профитабилност на самите компании.

Од почетокот на 2015-та година преку програмата за промовирање на извозните потенцијали на домашните компании Агенцијата спроведе активности за поврзување на домашни извозници со странски купувачи, а за таа цел реализира неколку посети на странски компании заинтересирани за откуп на домашни производи од областа на прехрамбената и текстилната индустрија, пришто македонските компании имаа можност за директен контакт и  започнување на деловна соработка со странски купувачи.

Во првиот квартален период од 2015-та година напорите на Агенцијата за промоција на домашните производи беа ефектуирани и со склучен договор за продажба и извоз на домашна волна на унгарскиот пазар, при што е склучен договор помеѓу домашната компанија Луна Комерц и Hungarowool од Унгарија. Сопственикот на компанијата Луна Комерц, г-дин Ванчо Ѓорѓиев, смета договорот е резултат на посветениот ангажман на Агенцијата и економскиот промотер во Унгарија.

sekerovski1

Како дел од проектот „Online видео средби помеѓу домашните извозни компании и економските промотери“, на 26-ти февруари се одржаа вториот циклус на директни online средби помеѓу претставници на домашни извозно ориентирани компании и економските промотери. На овие средби во рамките на вториот циклус учествуваа домашни компании од прехрамбениот сектор Дониа, Витаминка, Агрофруктус и Хина продукт.

Г-дин Александар Ѓуроски, менаџер за извоз во компанијата „Витаминка“ смета дека овој тип на состаноци се мошне корисни за продлабочување на меѓусебната соработка, подобро запознавање на промотерите со производниот асортиман, како и нивниот ангажман во воспоставување на контакти со увозници на храна, дистрибутери, синџири на супермаркети и хипермаркети, во земјите каде се упатени.

Овој проект чиј прв циклус отпочна со практична имплементација во месец ноември 2014-та година на кој учество зедоа различни компании, овозможува непосреден придонес на Агенцијата кон унапредувањето на извозот на македонските производи на начин што овозможува домашните компании да го презентираат своето производно портфолио и подготвеноста на нивните капацитети за извоз, а економските промотори да се здобијат со корисни информации и истите да ги искористат за промовирање на овие компании за изнаоѓање странски купувачи и пристап до пазари во земјите кои што ги покриваат промотерите.

Агенцијата на квартално ниво во континуитет ќе го спроведува проектот и ќе одржува средби од ваков вид и останува отворена за заинтересирани компании да земат свое учество во проектот.

Во подготовка е и одржување на бизнис средби и претставување на домашни компании во Унгарија пред најголемиот ланец на супермаркети во Унгарија TESCO. Интересот од домашните компании засега е голем и се очекува голем дел од нив да земат учество на планираните B2B средби и евентуално потпишување на договори за соработка.

Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот и во понатамошниот период ќе опстои на зацртаната цел – да биде активен и кредибилен партнер на македонските извозници и ќе продолжи со континуирано спроведување на активности во насока на нивна поддршка за зголемен извоз и пласман на домашните производи на надворешни пазари што ќе овозможи повеќекратни позитивни ефекти не само за самите компании, туку и за македонската економија.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП