Португалската Централна банка ја зголеми прогнозата за економскиот раст на земјата за 2015 година, од 1,5 на 1,7 проценти, благодарение на растот на извозот.
Прогнозата на националната банка е пооптимистична од предвидувањата на Владата, која во оваа година очекува раст на бруто домашниот производ од 1,5 проценти, по минатогодишниот раст од 0,9 проценти, пренесува АФП.
Централната банка на Португалија исто така ја зголеми и прогнозата за растот за 2016 година од 1,6 проценти на 1,9 проценти, додека за 2017 година очекуваниот раст останува на два проценти.
„Растот на економските активности предвидени за периодот 2015-2017 во голема мера се базира на зголемениот извоз“, додаваат во соопштението на банката.
Извозот, еден од генераторите на португалската економија, би требало да порасне оваа година за 4,3 проценти по зголемувањето од 3,4 проценти во 2014 година.
Банката предвидува и раст на инвестициите во оваа година од минатогодишните 2,3 на 4 проценти.