Зголемување на бројот на туристи и ноќевања за 98 отсто, нови 10.000 вработувања во областа на туризмот, зголемен девизен прилив за 7,3 отсто во 2014 година во споредба со 2013, се дел од успесите постигнати со новите мерки за промоција на Македонија.
Ова го истакна министерот за економија Беким Незири, кој е во официјална посета на Светската туристичка организација при Обединетите нации (СТООН) со седиште во Мадрид, на средбата со Генералниот секретар Талеб Рифаи.
Оваа прва посета на наш министер во седиштето на Светската туристичка организација при ОН, од 1995 година откако Република Македонија стана членка на оваа организација, Незири ја искористи за да ги презентира позитивните резултати од вложените мерки за развој на туризмот во Република Македонија и планираните активности за оваа година.
„Податоците покажуваат дека константно се зголемува бројот на странски туристи, а со тоа и на вкупниот број на туристи и ноќевања воопшто, па изминативе осум години зголемувањето е 98 отсто, а вкупниот број на туристи забележува раст од 40 отсто. Успеавме да обезбедиме и зголемување на остварениот девизен прилив, кој според податоците од Народна Банка на Република Македонија, во 2014 година изнесува 146 милиони долари и бележи зголемување за 7.25 отсто во споредба со 2013 година. Покрај ова, минатата година во туризмот се вложиле 2,3 проценти од вкупните инвестиции во земјава, а за годинава се очекува растот на инвестициите во однос на 2014 година да биде поголем за 10 проценти. Воедно, лани во земјата беа вработени околу 10.000 лица во туризмот, што претставува зголемување на учеството во БДП од 1,9 проценти. Заедно со дејностите коишто се поврзани со туризмот, во Македонија лани се вработени дополнителни 32.500 лица“, рече Незири.
Според него, сите овие позитивни ефекти се резултат од бројните мерки насочени кон промоција и поддршка на туризмот, како и субвенционирањето на странскиот организиран туристички промет и субвенционирањето на авиолетовите на ниско буџетните компании. Незири го запозна Рифаи и за планираното изготвување на нова стратегија за развој на туризмот за 2016-2021 година, која што ќе има за цел имплементација на нови трендови во туризмот и успешен развој на туризмот во Република Македонија, за туристичките зони, како и активностите кои произлегуваат од Програмата за развој на туризмот за оваа година и претстојните конференции, чиј домаќин е Македонија, и тоа конференцијата за вински туризам и регионалната конференција за туризам.
Генералниот секретар Рифаи изрази огромно задоволство од резултатите и плановите за развој на туризмот во Република Македонија.
„Сето ова многу ветува! Инвестициите во туризмот се големи, како и бројот на отворени работни места во овој и во придружните сектори. Формирањето на слободните туристички зони е храбар чекор, бидејќи како земја се наоѓате во многу активен регион од туристички аспект. Затоа и ќе ја имате целата наша поддршка, и од технички и од политички аспект, секогаш кога ќе ви е потребна. Техничката поддршка ќе можете да ја искористите и за обучување на кадар за сите идни ваши активности, а ќе ја имате нашата поддршка за сите ваши пораки кои сакате да ги испратите до соседите и останатите земји во светот“, изјави Рифаи.
За време на работната посета на Светската туристичка организација при ОН министерот Незири се сретна и со регионалната директорка за Европа, Изабел Гарана, како и со програмските директори за пазарни трендови во туризмот, одржлив развој, техничка соработка и статистика и сателитска сметка за туризам.