Еврокомесарот за соседска политика и пристапни преговори, Јоханес Хан денес на неформалниот состанок на министрите за надворешни работи и транспорт на земјите од регионот во Приштина, најави дека Европската унија (ЕУ) ќе издвои милијарда евра за подобрувањето на инфраструктурата во земјите од западен Балкан, пренесува Танјуг.
„Проектите во инфраструкутрата, транспортот и енергетиката се клучни за економскиот развој, привлекувањето на нови инвестиции и отворањето на работни места“, истакна Хан.
Хан изјавил дека веќе во 2015 година ќе бидат достапни сто милиони евра од ИПА фондовите, како грант на инвестицијата.
„На 21-ви април во Брисел ќе бидеме домаќини на премиерите на земјите од регионот за да добиеме согласност на ова ниво“, рече Хан.
Австрискот еврокомесар додал дека потоа во август во Виена официјално ќе бидат претставени приоритетните проеки за инфраструктурниот развој на западен Балкан и подобрувањето на транспортот, патниот и железничкот превоз, и додал дека проектите се најдобрата гаранција за поврзувањето на луѓето на Балканот и за нивното помирување.
Истакнувајќи ја потребата од усвојување на заедничка транспортна политика за земјите од западен Балкан, Хан рекол дека таа би била обврзувачка за овие земи, но и за ЕУ. Со оглед на тоа што европските фондови се ограничен и, „секое евро ќе мора паметно да се троши“, додал тој, нагласувајќи дека клучна улога ќе имаат и претставниците на власта на национално ниво, односно министрите за финансии.
Европската унија на секој начин ќе им помогне на земјите од регионот успешно да ги реализираат овие проекти и ќе продолжи да им помага во спроведувањето на реформите, со оглед на тоа што сите влади се обврзале на ова, навел Хан, заклучувајќи дека на земјите од регионот не им се потребни големи визионерски проекти, туку што помали, кои можат да се реализираат.
Еврокомесарката за транспорт, Виолета Булц, која на министрите во Приштина им се обрати преку видео линк, порача дека западен Балкан е најважниот регион за прекугранична соработка во Европската унија.
„Верувам дека вашиот регион треба да биде подобро поврзан“, рекла таа и додала дека на западен Балкан му е потребна „транспортна политика“ поради тоа што транспортот е најважен за подигнување на животниот стандард на граѓаните.