„Како супервизори, Европската централна банка и грчката централна банка ги предупредуваат комерцијалните банки, поради претпазливост, да не ја зголемуваат изложеноста на грчкиот државен долг“, рекол соговорникот на агенцијата.
Издавањето на трезорските записи е единствениот преостанат извор на финансии за владата на премиерот Алексис Ципрас за време на преговорите со меѓународните доверители за измените на условите од меѓународната програма за финансиска помош на Грција. Пораката на ECB на грчките банки сугерира дека нејзините челници одлучиле да го блокираат овој извор.
Претседателот на ECB, Марио Драги, порача на почетокот од март дека оваа институција ќе продолжи да позајмува пари на грчките банки кога ќе се увери дека Атина ги спроведува обврските од меѓународната програма за штедење и дека е на добар пат да добие преодна оцена за тоа спроведување. Рече, исто така, дека ECB нема да го зголеми лимитот за издавање на краткорочниот долг, потсетувајќи дека европскиот договор забранува монетарно финансирање на националните влади.
Атина во февруари, инаку, побара да се зголеми договорениот лимит за издавање на краткорочниот долг од 15 милијарди евра, па најновиот потег на ECB би можел дополнително да ги затегне и онака веќе напнатите односи меѓу Грција и нејзините странски заемодавачи.
Од февруари ECB не го прифаќа грчкиот долг како колатерал за кредитите на комерцијалните банки, така што преостанува само финансирање преку програма за идни кредити за ликвидност (ELA), којашто, пак, носи поголеми камати, од 1,55 отсто во однос на 0,05 отсто, колку што изнесуваат во случај на редовно финансирање преку ECB.
Податоците покажуваат дека финансирањето на грчките банки од споменатиот извор во февруари скокнало за 12 пати во однос на јануари, на 65,64 милијарди евра, наведува Reuters. Притоа ECB, која инаку ја разгледува оваа програма на седмично ниви, во последно време започна да одобрува значително помало зголемување на неговиот вкупен износ, дополнително зголемувајќи го притисокот врз Грција. Атина, инаку, во април ќе мора да рефинансира 2,4 милијарди евра трезорски записи.