27 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАОхридското Езеро и „Галичица“ се загрозени од штетната урбанизација

Охридското Езеро и „Галичица“ се загрозени од штетната урбанизација

ohridsko-ezero

Мeсните заедници на охридското крајбрежје потпишаа Декларација за зачувување на светското природно и културно наследство на Охрид.

Според нив, Охридското Езеро и националниот парк „Галичица“ кои се дел од Светското природно и културно наследство признаени од УНЕСКО се загрозени од проекти со кои се предвидува изградба на експресен пат, голем туристички ски-комплекс и несоодветна и штетна урбанизација на голем дел од крајбрежјето и градот Охрид.

„Предложените измени во планот за управување со националниот парк „Галичица“, измените на Урбанистичките планови на Охрид, како и поедини одлуки за урбанизација со цел овозможување на реализацијата на овие проекти, претставуваат сериозна закана за одржување на биодиверзитетот и природната изворност на Охридското Езеро и националниот парк „Галичица“ и го доведуваат во прашање нивниот статус на светско наследство. Заканата е потврдена дури и со извештаите за стратегиска оцена на влијанието врз животната средина за овие планови, каде што во дури 80 отсто од заклучоците се вели дека негативното влијание врз биодиверзитетот, почвата и водите ќе биде неповратно, т.е. нема да може да се преземат никакви корективни мерки“, тврдат претставниците на месните заедници на Охрид.

Во потпишаната Декларација се вели дека зачувувањето на областите со висока еколошка вредност од меѓународен карактер признаен од УНЕСКО е од суштинско значење и приоритет на Република Македонија загарантиран со Устав.

„Цврсто веруваме дека како надлежни институции не сакате да учествувате во деградирање на ова исклучително значајно богатство кое е под заштита на УНЕСКО. Апелираме до Вас да ги стопирате предложените измени на Планот за управување со Националниот парк Галичица и Урбанистичките планови на Охрид, како и поедини одлуки за урбанизација и да се повлечете од спроведувањето на овие проекти“ се вели во Декларацијата потпишана од страна на месните заедници.

Декларацијата беше иницирана од страна на Месната заедница „Лагадин“, Еколошкото друштво „Лагадин“ и Еколошкото здружение на граѓани „Фронт 21/42“ а на неа се потпишаа Месните заедници на Љубаништа, Пештани, Лагадин, Рача, Коњско, Далјан/Воска и Манастирот Св. Наум Охридски од Дебарско-кичевската епархија на МПЦ. Декларацијата денес е испратена до сите носители на одлуки поврзани со заштитата на светското културно и природно наследство на Охрид.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП