21 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПад на Волстрит втор ден по ред

Пад на Волстрит втор ден по ред

Wall-Street1

На Волстрит во вторникот цените на акциите паднаа втор ден по ред, што е најмногу последица од јакнењето на американскиот долар и падот на цените нанафтата. Индексот Dow Jones ослабе за 0,58 отсто, на 18.011 поени, додека индексот S&P 500 се лизна за 0,61 отсто, на 2.091 поени, а индексот Nasdaq за 0,32 отсто, на 4.994 индексни поени.

Пораката на американската централна банка Federal Reserve (Fed) дека нема да брза со зголемувањето на каматните стапки предизвика минатата седмица остар пад на курсот на доларот, а раст на цените на нафтата. Меѓутоа, на почетокот од оваа седмица ситуацијата се промени.

Во вторникот индексот на доларот, кој ја одразува вредноста на американската валута во однос на кошницата од шестте светски валути од земјите најголеми трговски партнери на САД, зајакна за 0,1 отсто, на 97,15 поени. Иако тој сé уште е далеку од 100,39 поени, највисокото ниво во последните 12 години достигнато пред десет дена, подемот на доларот ги наведе вложувачите на претпазливост.

Доколку продолжи ваквиот тренд на заздравување, тоа може да има лошо влијание на Волстрит, затоа што поради тоа американските мултинационални компании стануваат помалку конкурентни, па им паѓаат приходите и заработките. Доларот измината година зајакна за околу 20 отсто, поради што во вторникот неколку американски компании ги намалија процените за заработките во првиот квартал од 2015 година.

„Не верувам дека инвеститорите се преплашени поради сезоната на објавувањето на кварталните деловни резултати на компаниите, којашто започнува за неколку седмици, бидејќи веќе подолго време е јасно дека ќе се види влијанието на ниските цени на нафтата и високиот курс на доларот“, вели за Reuters Давид Лефковиц, стратег во банката UBS.

Инвеститорите најмногу ги загрижува енергетскиот сектор, бидејќи цените на нафтата и натаму се под притисок на големиот расчекор меѓу понудата и побарувачката. Вистина, минатата седмица цените на нафтата и на суровините пораснаа, но тоа беше само последица на слабеењето на доларот. Во вторникот, со опоравувањето на доларот во однос на еврото, цената на нафтата на лондонскиот пазар падна за повеќе од 1,5 отсто, па индексот S&P на енергетскиот сектор се лизна за 0,8 отсто.

На претпазливоста на инвеститорите повторно укажува слабиот обем на тргувањето на американските берзи. Така во вторникот сопствениците ги замениле 5,3 милијарди акции, додека просечниот дневен обем во март изнесува 6,8 милијарди акции.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП