13 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАТурските инвеститори бараат примена на прописите секаде во Македонија

Турските инвеститори бараат примена на прописите секаде во Македонија

Untitled

Турските инвестиции во вкупна вредност од над 800 милиони евра придонесуваат за економски раст на Македонија и намалување на невработеноста, но инвеститорите бараат примена на прописите во различни места од земјата, можност за скратување на административните процедури за реализација на инвестиционите проекти и поедноставување на постапката за добивање дозволи за времен престој и работни дозволи.

Ова беше речено на работната вечера на членовите на Управниот одбор на Македонско-турската комора (МАТТО), кои се првите луѓе на компаниите – турски инвеститори во земјата со министерот за економија, Беким Незири, што се одржа во понеделник вечер.

„Традиционалните пријателски односи меѓу двете земји се одлична основа за унапредување на соработката на економски план. Република Македонија ги поздравува досегашните турски инвестиции во земјава и очекува нивниот број да се зголемува во наредниот период, истовремено охрабрувајќи ги и компаниите од Република Македонија да инвестираат во Република Турција. Владата на Република Македонија е секогаш на располагање за разговор и решавање на тековните проблеми за да се создаде подобар инвестициски и деловен амбиент“, речена средбата министерот Незири, кој е воедно и почесен претседател на МАТТО од македонска страна.

Претседателот на МАТТО, Туна Ејуп Кахвеџи, во име на присутните, се заблагодари за интересот кој го покажува министерот Незири и дадената можност во непосреден разговор да се изнесат искуствата од секојдневното работење на компаниите кои претставуваат турски инвестиции во Македонија. Како што посочи Кахвеџи, турските инвестиции во вкупна вредност од над 800 милиона евра придонесуваат за економски раст на земјата и намалување на невработеноста.

„Инвеститорите се најдобри промотори на бизнис и инвестиционата клима во една земја, а таа секогаш може да се подобрува во отворен дијалог со компаниите“, рече Кахвеџи.

 

Меѓу прашањата кои беа отворени на работната вечера од страна на турските бизнисмени се: промените во законската регулатива, примената на прописите во различни места од земјата, можноста за скратување на административните процедури за реализација на инвестиционите проекти, можноста за поедноставување на постапката за добивање дозволи за времен престој и работни дозволи, можноста за поголема либерализација на трговијата, особено во делот за земјоделски и прехранбени производи и сл.

Бизнисмените ја поздравија иницијативата на Владата за основање на финансиски, здравствени и туристички развојни зони.

„Турција е на осмо место како значаен трговски партнер на Македонија, при што извозот од Македонија е во вредност од 67,5 милиони долари, а увозот 374,1 милиони долари. Да потсетам дека неодамна премиерите на двете држави ветија дека трговската размена треба достигне милијарда американски долари, што остава простор за продлабочување на економската соработка и на ниво на држави и на ниво на деловни субјекти“, рече министерот Незири, укажувајќи на значењето на вакви средби за двете страни.

Тој потенцираше дека законската регулатива се креира во насока на подобрување на инвестициската клима во земјата, а ревизијата на Договорот за слободна трговија меѓу двете земји бара посебно внимание со оглед на преголемата разлика во индустриско – аграрната развиеност на двете земји. Што се однесува до прашањата кои се во надлежност на другите институции, министерот Незири им вети на турските бизнисмени дека ќе ја запознае Владата со очекувањата и плановите на МАТТО и нејзините членки.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП