19 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЧелниците на ЕУ подржаа создавање енергетска унија

Челниците на ЕУ подржаа создавање енергетска унија

evropska-unija-13

Челниците на 28-те земји членки на Европската унија го поддржаа во четвртокот навечер на самитот во Брисел предлогот за формирање енергетска унија, објави претседателот на Европската комисија, Доналд Туск.

„Направивме голем чекор напред. Сите челници се согласија околу јакнењето на транспарентноста на пазарот на гасот, така што добавувачите нема да можат да ја злоупотребуваат својата позиција за кршење на законодавството на Европската унија и да ја загрозуваат енергетската сигурност“, изјави претседателот на Европската комисија, поранешниот полски премиер Доналд Туск, по завршувањето на расправата за енергетската унија, една од темите на самитот на шефовите на држави или влади на земјите членки на ЕУ.

Туск во изјавата истакна и дека енергетската унија може темелно да ја измени ситуацијата во Европа во поглед на поевтина, одржлива и сигурна енергија за компаниите и за граѓаните.

Енергетската унија е најамбициозниот енергетски проект од создавањето на Европската заедница за јаглен и челик во педесеттите години од минатиот век. Со создавањето на енергетската унија расцепканите национални пазари на енергија би се интегрирале во заеднички европски пазар. Една од најважните цели на оваа унија, со поддршка на САД, е да се намали зависноста на Европа од увозот на енергенси од Русија.

Во заклучоците се наведува дека треба да се осигури поголема транспарентност на пазарот на гасот, како и дека „сите договори со трети снабдувачи мора да бидат во согласност со европското законодавство“. Во прв ред се мисли на договорите коишто некои земји членки ги склучија со рускиот енергетски гигант „Газпром“, а според Брисел се во спротивност со некои одредби од европското законодавство. Ваквиот европски став беше причина Русија да го откаже проектот „Јужен тек“ со кој преку Бугарија, рускиот гас да ја заобиколи проблематичната Украина, и да биде испорачуван во јужните и централни земји на ЕУ.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП