26 јуни, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЕУ веројатно ќе ги задржи санкциите против Русија

ЕУ веројатно ќе ги задржи санкциите против Русија

rusija eu

Челниците на Европската унија веројатно ќе ги остават на сили економските санкции против Русија додека договорот за примирјето во Украина не биде во целост спроведени, и тоа откако германската канцеларка Ангела Меркел изјави во четвртокот дека би било погрешно да се ублажи притисокот врз Москва „пред време“.

Владите на земјите членки на Европската унија досега на сличните средби беа поделени околу прашањето дали сега треба да се дејствува за да се обноват санкциите чиешто важење истекува во јули.

Изјавата на германската канцеларка Ангела Меркел упатува, пак, на тоа дека Германија силно ќе ги охрабри челниците на ЕУ на самитот во Брисел кој започнува подоцна во четвртокот, да ги задржат санкциите против Русија сé додека Москва не ги исполни условите од договорот постигнат на 12-ти февруари во белоруската престолнина Минск.

„Не можеме и нема да ги укинеме санкциите кои истекуваат во јули или септември сé додека не се исполнат сите услови од договорот од Минск. Тоа би било погрешно“, изјави Меркел во четвртокот во долниот дом на германскиот парламент Бундестагот.

Останува нејасно за какви руски обврски станува збор, затоа што документот кој го потпишаа челниците на Украина, Русија, Франција и Германија, се однесува на договор меѓу двете конфронтирани страни во рускојазичните источни украински региони. Западот ја обвинува Русија дека воено ги помага проруските бунтовници во Украина, што оваа упорно го негира и тврди дека станува збор внатрешен украински судир.

Договорот од Минск предвидува 13 чекори за надминување на украинската криза, вклучително и прекинот на огнот и повлекување на тешкото вооружување од линијата на фронтот во зависност од калибарот на 30 до 70 километри во внатрешноста на териториите што ги контролираат завојуваните страни. Исто така, се предвидува и носење закон, кој во средата навечер беше доставен во украинскиот парламент, со кој на источната област Донбас и’ се дава т.н. специјален статус, односно широк степен на автономија.

Челниците на ЕУ се поделени околу санкциите против Русија. Додека некои сакаат на Москва да и’ биде испратен поостар сигнал и тоа така што ќе бидат обновени санкциите кои истекуваат во јули, другите, особено оние чиишто економии значајно се погодени  како поради европските санкции така и од руските контрамерки за ембарго на увоз на западни производи, сметаат дека на примирјето треба да му биде дадена можност да профункционира и сакат да се почека до јуни да биде донесена одлуката.

Претседателот на Европскиот совет, поранешниот полски премиер Доналд Туск, ги повика челниците на ЕУ во четвртокот да продолжат да вршат притисок на Русија „сé додека договорот од Минск не биде целосно спроведен“.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП