Министерството за транспорт и врски склучи договор со фирмата „InterVISTAS Consulting B.V“ од Холандија како најповолен економски оператор за изработка на физибилити студија за можноста за формирање, односно воспоставување на национален авиопревозник во Македонија.
Студијата треба да се изработи за четири месеци, а избраниот економски оператор треба во рок од 60 дена да ја изработи и заврши I –та Фаза од Студијата. Доколку Студијата од I –та Фаза покаже физибилност, компанијата има обврска во рок од дополнителни 60 дена да ја изработи и заврши и II–та Фаза од Студијата.
Целта од изработката на физибилити студија е да даде јасна слика која ќе покаже дали има економска исплатливост и под кои услови ќе може да се формира национален авиопревозник.
„Владата и понатаму останува целосно посветена на реализирање на цврстата определба кон идејата за воспоставувење на национален авиопревозник, како и продолжување на трендот на позитивните политики насочени во развојот на воздушниот сообраќај во нашата држава“, се вели во соопштението од Министерството за транспорт и врски.