По дебито на „Porsche Cayman“ во најмоќната верзија „GT4“, беше само прашање на време и појавата на модификација на роудстерот „Boxster“. Покрај него, германскиот производител подготвува и уште помоќна варзија на кросоверот „Macan“, тврди „Autoblog“.
Најекстремната верзија на откриениот „Porsche Boxster“, кон името ќе го добие додаток „Spyder“. На овој начин таа ќе стане идеолошки наследник на моделот „Boxster Spyder“ од претходната генерација, која се појави во 2009-та година. Сега сепак разликата помеѓу верзиите „Boxster S“ и „Boxster Spyder“ ќе биде уште повеќе импресивна.
Ако „Spyder“ од 2009-та година беше само за 14 КС помоќен од стандардниот кабрио модел, сега оваа разлика достигнува 45 КС. Ова е можно благодарение на 3,8-литарскиот мотор од „Porsche Cayman GT4“ кој располага со 385 КС. Освен него, новата модификација ќе добие наштимана суспензија, лесна каросерија и системот за сопирање на најмоќните модификации на „Porsche 911“.
За намалување на тежината на роудстерот важна улога ќе одигра и откажувањето од механизмот за симнување на покривот. На „Spyder“ од 2009-та година покривот се симнува рачно, па така овој систем ќе биде користен и сега.
Што се однесува до кросоверот „Porsche Macan“, тој ќе го добие традиционалниот додаток „GTS“. Засега не се знае на каков мотор ќе се потпира оваа модификација, а од него ќе зависи каде ќе биде лоциран моделот во палетата на брендот. На пример, кај „Porsche Cayenne“ варијантата „GTS“ се наоѓа помеѓу верзиите „S“ и „Turbo“.
Очекувањата се „Macan GTS“ да го добие истиот мотор, кој го има „Macan S“, но силата да биде зголемена од 340 на 360 КС. Тогаш оваа верзија ќе се распореди помеѓу „S“ и „Turbo“, како кај „Cayenne“. Постои уште една опција – „Macan GTS“ да се распореди највисоко во палетата на моделот, а моќноста на агрегатот да биде 420 КС. Ова ќе е за 20 КС повеќе од „Macan Turbo“.