8 мај, 2024
ПочетнаКУЛТУРАОбјавен романот „Нејзинија“ од Шарлот Перкинс Гилман

Објавен романот „Нејзинија“ од Шарлот Перкинс Гилман

BF46A02CE44F2C46BCFA1917B09BD1EF

„Македоника литера“ од Скопје неодамна го објави романот „Нејзинија“ на американската писателка Шарлот Перкинс Гилман (1860 – 1935), во превод од англиски јазик на Драгана Велковска.

„Нејзинија“ e утописки роман, напишан во 1915 година. Ова дело на Перкинс извршило силно влијание врз авторките на феминистичката научна фантастика, како и врз идеолозите на феминизмот и лезбискиот сепаратизам во шеесеттите и осумдесеттите години на дваесеттиот век.

Во романот е опишано изолирано општество во кое живеат исклучиво жени коишто се размножуваат преку партеногенеза (асексуална репродукција). Резултатот од ова е идеален општествен поредок: нема војни, нема конфликти, нема доминација. Мајчинството е најголемата светост за жените од оваа земја и е центарот околу кој се врти нивниот свет.

Приказната во „Нејзинија“ ја раскажува Ван Џенингс, студент на социологија, кој заедно со двајца свои пријатели тргнува во експедиција да истражи дотогаш непозната територија во Јужна Америка за која се верува дека е населена исклучиво со жени. Соочен со очигледната утопија што овие жени успеале да ја создадат, Ван често се наоѓа во ситуација кога не може да го оправда однесувањето на луѓето во неговата земја – како што е, на пример, молзењето на кравите, чувањето кучиња како миленици, абортусот. Во ова дело особено до израз доаѓа способноста на авторката да зборува од аспект на спротивниот пол, нешто што е исклучително сложено и посебно се вреднува во литературата. Главниот лик, иако маж, има особена наклонетост кон жените и длабоко ги почитува, што на повеќе места придонесува за разигрувањето на дејството и забрзување на темпото на настаните.

Гилман во „Нејзинија“ создава земја што според многу нешта потсетува на Платоновата „Република“, односно на „Утопија“ на Томас Ман, таа е многу пред своето време.

Нејзиниот роман доживеал многубројни изданија и е преведен на многу јазици. Речиси сто години подоцна темите за кои таа пишува се сè уште актуелни: децата и задоволувањето на нивните потреби како приоритет, мајчинството и редефинирањето на улогите на мажот и на жената во општеството.

„Нејзинија“ прво дело на Шарлот Перкинс Гилман кое е објавено во превод на македонски јазик.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП