Вредноста на норвешкиот државен нафтен фонд е речиси двојно зголемена во последниве три години, поради што сега сите 5,2 милиони граѓани на Норвешка станаа милионери, на хартија.
Според соопштението на Норвешката централна банка, овој инвестициски фонд, кој во сопственост држи акции, обврзници и имот, успеа во минатата година да оствари стапка на поврат од своите инвестиции ширум светот во висина од 7,6 проценти.
Благодарение на тоа во неговата каса на крајот на минатата година се нашле 6,431 милијарди круни (745,1 милијарди евра), додека на крајот на 2011 година, вредноста на фондот била 3,312 милијарди круни, пренесува Франс прес.
Минатогодишното зголемување на вредноста на фондот за 544 милијарди круни во однос на 2013 година се должи пред се на заработката на фондот на берзите, бидејќи над 60 проценти од неговото портфолио се состои од акции.
За да ги плати идните трошоци, Норвешка традиционално го става на страна целокупниот приход кој го остваруваат државните нафтни компании, додека Владата не смее да повлекува од фондот повеќе од 4,0 проценти годишно – проектираниот годишен профит на фондот – со цел да го избалансира буџетот кој во спротивно би бил во минус.
„Мораме да бидеме подготвени за заработките кои нема да бидат така високи во иднина“, изјави гувернерот на Централната банка на Норвешка, Устејн Улсен.