21 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАИванов: Во услови на глобална економска криза Македонија создаде поволна бизнис-клима за...

Иванов: Во услови на глобална економска криза Македонија создаде поволна бизнис-клима за странски инвестиции

ivanov-ivanov

Македонската економија е отворена за странските инвеститори, а со напорни реформи, во услови на глобална економска криза, успеавме да создадеме поволна бизнис­клима за странски инвестиции, порача претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов во петокот на форумот „Кран Монтана“, што се одржува во Дакла, Мароко.

Обраќајќи се на официјалната сесија на отворањето на форумот на тема „Неопходност од подобрување на климата за странски инвестиции и обезбедување сигурни индустриски и финансиски партнери“, претседателот Иванов, јави известувачот на МИА, посочи и на глобалните извештаи за Македонија.

„Според извештајот на Светската банка „Doing Business“, неколку години по ред Македонија е најдобар реформатор во Југоисточна Европа и трет најдобар реформатор во светот. Македонската економија во 2014 година имаше втор најдобар резултат во Европа со раст од околу 4 отсто. Македонија беше на трето место во Европа во 2013 година и во 2011 и 2010 година. Падот на економијата во кризниот период од 2009 до 2012 година беше најмал од сите земји во Југоисточна Европа. Сето тоа се должи на нашата отвореност и непосредност“, истакна македонскиот претседател.

Зборувајќи за отвореноста пред највисоки државни претставници од светот, Иванов рече дека Македонија, покрај во економијата, е отворена и во политиката.

„Денес водиме надворешна политика на отвореност кон сите кои со нас сакаат да соработуваат. Нашата стратегиска цел е членството во НАТО и во Европската унија, но не се откажуваме од продлабочување на соработката со сите добронамерни држави“, нагласи Иванов.

Според Иванов, непосредниот контакт е незаменлив и затоа на форумот присуствуваат и истакнати бизнисмени од Македонија кои ќе ги разгледуваат можностите за соработка со бизнис­заедниците од Мароко.

„Но, отвореноста е невозможна без доверба. Една од главните теми на годинашниот форум е и унапредување на дијалогот меѓу Африка, Магреб и Европа. Сметам дека ова е дел од една уште поголема приказна – дијалогот меѓу религиите, културите и цивилизациите. Целта на дијалогот не е и не смее да биде надминување, туку почитување и прифаќање на различноста. Ако не го поддржиме дијалогот, полека, но, сигурно се движиме кон судир меѓу религиите и цивилизациите. Токму затоа, силно ја поддржуваме работата на Алијансата на цивилизациите и сите форуми, како „Кран Монтана“, кои со својата работа придонесуваат кон градењето доверба и дијалог“, додал македонскиот претседател.

Иванов исто така предупреди дека непочитувањето на меѓународното право, на пресудите на Меѓународниот суд на правдата внесуваат неизвесност и несигурност во меѓународните односи. Затоа, рече, во 2003 година го инициравме првиот Форум на дијалогот меѓу цивилизациите како предвесник на Алијансата на цивилизациите на Обединетите нации. Тој спомена и обновување на дијалогот во соработка со УНЕСКО и со Европската унија, како и организирање на 4. Светска конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог.

Во рамки на работната посета на Мароко и учеството на форумот „Кран Монтана“, сопругата на претседателот на Република Македонија Маја Иванова ќе се обрати на специјална сесија на Форумот на африкански жени, чиј фокус годинава е имплементирање на родова еднаквост, жените во јавниот живот и во приватниот сектор и подобрување на образовниот систем за девојките.

На Форумот учествуваат претседатели на држави и влади, министри, претставници на меѓународни и регионални организации, членови на национални и меѓународни парламенти, претставници на банкарски и финансиски институции, како и на работодавачи, професионални организации и цивилното општество.

Форумот „Кран Монтана“ е основан со цел да обезбеди широка меѓународна соработка и поврзување на економските чинители на светско ниво, како и да придонесе кон глобалниот економски раст, воедно обезбедувајќи стабилност, еднаквост и безбедност.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП