Грција е подготвена на меѓународните кредитори да им достави дополнителен предлог за реформи, соопштил извор од грчката извршна власт, додавајќи дека некои од мерките веднаш ќе им бидат предложени на техничките експерти на ЕУ и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).
Претседателот на еврозоната, Јерун Дајселблум изјавил дека Грција губи време во преговорите за програмата за помош, повикувајќи ја Атина да оствари конкретен напредок.
Тој го поздравил новиот предлог за реформи, но повикал и на посериозни преговори околу актуелната програма за помош на Атина, чиј рок е продолжен до јуни, како и за потенцијалната нова финансиска програма која би ја заменила актуелната програма по нејзиното завршување.
„Не смееме да трошиме толку време. Програмата е продолжена само за четири месеци и часовникот отчукува. Ми се чини дека од последниот состанок на еврогрупата, па се досега, губиме време. Изгубивме преку две недели во кои беше остварен мал напредок. Мора да престанеме да губиме време и да почнеме со сериозни разговори“, рекол Дајселблум.
Министрите за финансии на еврозоната во Брисел разговараат за поединечните предложени реформи, додека Атина предупреди на можноста за одржување на референдум во случајот тие да бидат отфрлени.
Меѓу предложените мерки се и плановите за ограничување на бирократијата, зголемување на заработката од онлајн коцкањето и ангажирањето на даночни инспектори кои не се експерти, вклучувајќи ги и туристите, кои би помогнале во акцијата против оние кои го избегнуваат плаќањето на данок.