3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАГрција во среда ги започнува техничките преговори за заемот

Грција во среда ги започнува техничките преговори за заемот

grcija-eu-dogovor

Откако министрите за финансии на еврозоната на Грција ѝ порачаа во понеделникот да престане да губи време, финансиските експерти во среда ќе започнат со техничките преговори со меѓународните доверители за да постигнат договор за реформите и да може да се продолжи со финансирањето на земјата.

Експертите од Европската комисија, Европската централна банка (ЕЦБ) и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), коишто се наоѓаат веќе во Атина, ќе ги поднесат информациите кои ќе ги поддржат преговорите.

„Сите се согласуваме дека повеќе нема време за губење“, изјави Јероен Дијселблом, претседател на Еврогрупата, односно Советот на министрите за финансии на земјите членки на еврозоната на прес-конференцијата во Брисел во понеделникот на која беше одлучено преговорите да продолжат.

Министрите за финансии од еврозоната сметаат дека најдоброто место за практичното разгледување на состојбата на грчката економија и финансиите на земјата е токму Атина.

Дијселблом изрази жалење поради тоа што биле потребни цели две седмици да се одлучи за тоа „кој со кого и каде ќе се сретне“, оценувајќи дека тоа е „чисто губење на времето“.

„Малку нешта се сторени од последниот состанок на Еврогрупата пред две седмици, а притоа мислам на преговорите и на примената на договореното. Мораме да престанеме да го губиме времето и да започнеме со сериозните преговори“, рече Дијселблом по доаѓањето на состанокот на министрите додавајќи дека партнерите во еврозоната се подготвени да ја поддржат Грција доколку продолжи со реформите.

Функционерите од еврозоната ја минимизира важноста на реформскиот план кој новата грчка влада им го предаде во петокот на своите доверители за да осигури продолжување на финансирањето, инсистирајќи на спроведувањето на реформите, а грчкиот министер за финансии Јанис Варуфакис спомена викендов во разговор за италијанскиот дневен весник Corriere della Sera дури и можноста да се одржи референдум или предвремени парламентарни избори доколку не биде прифатен грчкиот план.

Говорејќи пред состанокот на министрите за финансии од еврозоната во Брисел во понеделникот, Дијселблом изјави дека чекорите наведени во писмото на грчкиот министер за финансии Јанис Варуфакис се „сериозни“, но и дека планот е „далеку од комплетен“. „Тоа е процес кој едноставно ќе потрае“, рече додавајќи дека ќе биде многу тешко да се доврши грчката реформска програма до јуни до кога е продолжена меѓународната програма за помош.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП