4 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЈапонија дава 260.000 евра грант за медицинска и противпожарна опрема

Јапонија дава 260.000 евра грант за медицинска и противпожарна опрема

brza pomos2

Амбулантно и противпожарно возило, радиолошки материјали, опрема на училиште ќе добијат Општините Демир Хисар, Центар Жупа, Велес со пари од грант од Јапонија.

Јапонската Амбасада во Виена најавува потпишување на договори од програмата за поддршка на мали проекти, во износ од 259.998 евра за имплементација на четири проекти во Македонија.

Проектот за опремување на Општина Центар Жупа со амбулантно возило и возило за домашна посета во вредност од 54.710 евра.

„Општината Центар Жупа е лоцирана во планински предел во западна Македонија во близина на границата со Албанија и брои приближно 10.000 жители. Здравствената станица во Центар Жупа е одговорна за здравствената грижа на жителите во општината и не располага со амбулантно возило. За итни случаи се повикува амбулантно возило од соседната општина, Дебар. Дебар е на 17 километри оддалечен од Центар Жупа и заради состојбата на патиштата за пристигнувањето на амбулантното возило потребни се најмалку 30 минути во еден правец доколку возилото е слободно, односно не е ангажирано за итен случај во Општина Дебар“, се вели во објаснувањето за овој проект.

Со проектот за опремување на Универзитетската клиника за радиологија со медицински апарати во вредност од 75,519 евра ќе се обезбеди неповратна финансиска поддршка за набавка на два медицински апарати кои се од основно значење за радиологија: еден ултразвук апарат и еден апарат за анестезија. Новите апарати ќе обезбедат соодветни испитувања без долги периоди за чекање.

Со проектот за опремување на противпожарната единица во Општина Демир Хисар со ново противпожарно возило во вредност 75,885 евра ќе се обезбеди ново возило, затоа што Општината очекува постоечкото противпожарно возило комплетно да откаже во секој момент во следните неколку години.

Со проектот за рехабилитација на заеднички простории на три училишта во Општина Велес со 53,884 евра за приближно 800 ученици во две основни училишта и едно училиште за посебни потреби кои делат една училишна зграда ќе се обезбедат подобри услови за изведување настава.

„Котлите кои се користат за греење во училиштето се стари повеќе од 40 години и често се расипуваат. Температурата во училниците не го достигнува потребниот минимум и дополнително дел од четириесетте ученици со посебни потреби престојуваат во училишната зграда преку работната недела имаат проблеми со топла вода за одржување хигиена. Дополнително, тоалетите во училишната зграда не се реновирани повеќе од 30 години и значително се оштетени делови од тоалетите, ѕидовите, подот и вратите. Ситуацијата е загрижувачка за безбедноста и хигиената на учениците.

Целта на овој проект е да обезбеди неповратна финансиска помош за два котли за греење и обнова на 20 тоалети за учениците од трите училишта да ја следат наставата во адекватни услови“, се додава во објаснувањето на оправданоста на проектот.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП