28 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВести од светот

Вести од светот

latestnews1

Најнови вести од светот 08.03.2013

Берн – Откако граѓаните на Швајцарија на неодамнешниот референдум гласаа за ограничување на високите надомести за менаџерите на големи компании, повеќе меѓународни фирми се подготвуваат да ја напуштат земјата, изјави претседателот на швајцарскиот Економски комитет, Рудолф Верли. Во изјава за една швајцарско германска телевизија Верли потенцира дека во текот на разговорите со директорите на тие компании дошло до сознанија дека сценариото за напуштање на земјата е многу веројатно.

Рим – Глобалните цени на храната во февруари останаа на непроменето ниво во однос на претходниот месец, додека родот на пченицата во оваа година треба да порасне за 4,3 процентни поени, соопшти Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО). Индексот на цените на храната, кој го прави ФАО, задржан е во февруари на 210 поени, на исто ниво како и во јануари и за пет поени под нивото од февруари 2012 година. Цените на житариците и шеќерот паднаа, цените на местото останаа на ниво, додека цените на млечните производи се зголемија, како последица од бранот на топлото време во Австралија. Во меѓувреме, се прогнозира дека производството на пченица ќе порасне на 690 милиони тони во 2013 година, што би било втор рекорден глобален род на пченицата. Тоа е резултат на зголемената сеидба во Европа и ширењето на полињата на некои големи производители како што се Русија и Соединетите Американски Држави.

Хонг Конг – Француската министерка за мали и средни фирми и дигитална економија, Флер Пелерин вети дека ќе се намалат бирократските процедури за привлекување на странски инвеститори, како и дека нејзиното јужнокорејско потекло ќе помогне во зголемување на угледот на Франција во растечката Азија. Флер Пелерин, во чија надлежност влегува и промовирање на меѓународни инвестиции, рече во Хонг Конг дека француската влада покренала кампања за борба против претераните бирократски процедури.

Токио – Јапонија го кандидираше заменикот министер за финансии Такехика Накаа за местото за нов претседател на Азиската развојна банка. Предложениот Накао ќе го замени сегашниот претседател Харухика Куроду кој е кандидиран за местото за нов гувернер на централната банка на Јапонија.

Берлин – Нето профитот на германскиот производител на спортска облека и обувки Адидас, падна во 2012 година како последица од еднократните трошоци, соопштено е од компанијата. Нето профитот е намален за 14,2 отсто, на 526 милиони евра во 2012 година, се наведува во соопштението.

Никозија – Секторот за недвижнини во Кипар кој е погоден од рецесија, се врти кон кинеските инвеститори, кои бараат што полесен пристап во Европа. Стотици Кинези веќе купиле куќи на тој медитерански остров благодарение на кипарскиот закон кој на странски купувачи на недвижнини, чија вредност е најмалку 300.000 евра, им овозможува статус на постојан боравок. – Кинезите не се заинтересирани толку за недвижнините колку што се заинтересирани за Кипар. Тие се интересираат само за траен престој – рече агентот од агенција за недвижнини Антонис Лоизу. Иако Кипар е членка на Европската унија од 2004 година, тие не припаѓаат на шенгенската зона, што значи дека постојан престој не гарантира слободно патување во европскиот блок.

Брисел – Францускиот министер за финансии Пјер Московиси, изјави дека Европа мора да се фокусира на промовирање на растот, а не на стегање на буџетот, за да ја заживее паднатата економија на блокот и да избегне продлабочување на социјалната криза. Московиси во Брисел предупреди дека продолжувањето на спроведување на остри мерки за штедење може да придонесе за продолжување на социјалната криза која води кон популизам. Буџетските резови кои се покренати за борба против должничката криза во 17 члената еврозона, само помогнаа регионот да го бутне во рецесија и ја зголемија невработеноста на рекордно ниво.

Женева – Швајцарија е најконкурентна земја во областа на патувањата и туризмот поради високиот квалитет на хотелско сместување, обучени работници и богати природни ресурси, покажа објавениот извештај на Светскиот економски форум WEF. Во извештајот на WEF кој рангира 140 земји според нивото на глобалната конкурентност во областа на туризмот, наведува дека Швајцарија ја задржува водечката позиција. Европа остана најконкурентен регион во светот, покрај Германија, Австрија, Шпанија и Британија, кои се наоѓаат веднаш зад Швајцарија.

Њујорк – Американската агенција за кредитен рејтинг Стандард и Пурс ја зголеми прогнозата на кредитниот рејтинг на Португалија од негативна на стабилна, поради поголемата поддршка на европските институции, но го задржа нејзиниот рејтинг на шпекулативно ниво ББ. Ова соопштение следеше само по два дена откако министрите за финансии на еврозоната им одобрија на Ирска и Португалија продолжување на рокот за отплата на кредитите, добиени од ЕУ, ММФ и ЕЦБ. Стандард и Пурс исто така очекува дека т.н. тројка на меѓународни кредитори може да му овозможи на Лисабон повеќе флексибилност во исполнување на фискалните цели, со оглед дека економијата на земјата не зајакнала како што беше очекувано.

Лондон – Централната банка на Англија ја задржа клучната каматна стапка на рекордно ниско ниво од 0,50 отсто и се воздржа од зголемување на обемот на стимулативната програма. – Монетарниот совет на Банката на Англија гласаше за задржување на референтната камата на 0,5 отсто – наведено е во соопштението на БоА. – Комитетот исто така гласаше програмата на квантитативно лабавење да се задржи на ниво од 375 милијарди фунти (434 милијарди евра), се додава во соопштението.

Атина – Невработеноста во Грција во декември скокна на 26,4 отсто од вкупната работна сила, покажуваат објавените податоци. Најголема невработеност е забележана меѓу младината под 25 години, со стапка од 57,7 отсто, додека стапката на невработеност кај жените е 29,3, а кај мажите е 24,3 отсто. Грчкиот пазар на трудот е погоден од острите мерки за штедење кои се спроведени со цел за намалување на огромниот грчки долг.

Париз – Францускиот трговски дефицит во јануари е благо зголемен од декемвриските 5,418 милијарди евра на 5,862, соопшти Управата на француската царина. Трговскиот дефицит на Франција во 2012 година е намален од 74.040 милијарди евра од 2011 година на 67.500 милијарди евра. Францускиот извоз во јануари е намален на 36,735 милијарди евра во однос на претходниот месец кога бил 37.625 милијарди. Франција во јануари увезла стока во вредност од 42.044 милијарди.

Париз, Берлин – Компанијата Континентал АГ прв германски производител на автомобилски гуми, се соочува со пад на продажбата на почетокот на тековната година, предизвикан од рецесијата на пазарот на автомобили во Европа, САД, Канада и Мексико. Претседателот на компанијата Елмар Дегенхарт проценува дека производството на автомобили може да се намали за 8 отсто во наведените региони, за период од јануари до март оваа година, додека во исто време продажбата на Континентал падна за 1 до 3 отсто.

Мадрид – Шпанија собра 5 милијарди евра на денешната аукција на среднорочни и долгорочни обврзници, со многу пониски каматни стапки, што укажува на подобрување на довербата на инвеститорите. Шпанскиот трезор продаде 10 годишни обврзници вредни 2,435 милијарди евра, со просечен принос од 4.957 отсто, што е пад од 5,22 отсто од последната слична аукција од 21 февруари. Тоа е за прв пат од ноември 2010 година каматите на 10 годишните шпански должнички хартии да паднат под нивото од 5 отсто.

Париз – Годишниот оперативен профит на францускиот трговски ланец Карфур лани благо е намален, бидејќи силниот пад на активноста во Европа и Азија е надоместен од експанзијата во Латинска Америка. Вториот светски дистрибутер по американската фирма Волмарт, лани оствари оперативен профит од 2,14 милијарди евра, во однос на 2,07 колку што аналитичарите очекуваа, што е пад од 2,6 отсто на годишно ниво, пишува францускиот весник Капитал. Само во Латинска Америка, оперативниот профит скокнал за 14,2 отсто, додека во Азија паднал за 10,3 отсто.

Вашингтон – Трговскиот дефицит на САД остро порасна во јануари, по падот од декември, покажаа официјалните податоци во Вашингтон. Трговскиот дефицит е зголемен на 44,4 од 38,1 милијарда долари, колку што изнесуваше во декември, наведе американското Министерство за трговија. Извозот истовремено е намален за 2,2 милијарди на 184,5 милијарди долари, во најголем дел поради падот на извозот на индустриска опрема и материјали, бидејќи САД го зголеми увозот на тие производи. Вкупниот увоз во јануари порасна за 4,1 милијарда на 228,9 милијарди долари. Трговскиот дефицит ги надмина очекувањата на аналитичарите, кои предвидуваа дека тој ќе изнесува 43 милијарди долари.

Москва – Руската авионска компанија Аерофлот во јануари го зголеми превозот на патници за 19,1 отсто, во однос на истиот месец во 2012 и превезла 1,39 милиони патници. Како што соопшти компанијата бројот на патниците на меѓународните линии е зголемен за 22 отсто, на 863.100, а на внатрешните за 14,6 отсто, на 532.600 луѓе. Процентот на пополнетоста на седиштата е зголемен за 1,4 отсто, во споредба со јануари минатата година, на 73,7 отсто, пренесе Финмаркет. Поштенско-товарниот сообраќај во јануари достигна 11.655 тони и за 14,5 отсто е поголем од јануари 2012 година.

Москва – Нето профитот на Лукоил лани е зголемен за 6,2 отсто на годишно ниво на рекордни 11 милијарди долари, соопшти компанијата. Профитот при плаќање на данок, камати и амортизација ЕБИДТА беше 18,9 милијарди долари и поголем е за 1,7 отсто од 2011 година. Приходите од реализацијата пораснаа за 4,1 отсто, на 139,17 милијарди долари. Лукоил на акционерите за дивиденда ќе одвои околу 23 отсто од ланскиот нето профит, рече претседателот Вагит Алекперов, на претставувањето на компанијата во Лондон.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП