21 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАЕЦБ наредната недела стартува со откуп на државни обврзници

ЕЦБ наредната недела стартува со откуп на државни обврзници

G

Европската централна банка (ЕЦБ) во четвртокот извести дека од наредната недела ќе започне да ја спроведува новата програма за откуп на државни обврзници од членките на еврозоната, кревајќи ја воедно прогнозата за економски раст.

„Од 9 март ќе започнеме со откупот на државни обврзници искажани во евра на секундарните пазари. Исто така ќе продолжиме со откуп на хартии од вредност покриени со имот, со што веќе започнавме минатата година“, рече претседателот на ЕЦБ Марио Драги на конференцијата за печат по седницата на управниот совет на ЕЦБ одржана на Кипар.

Од банката најавија дека месечно имаат намера да трошат до 60 милијарди евра на откуп на државни обврзници и на одредени категории на имот на приватниот сектор.

Програмата за откуп на државниот долг ќе се спроведува најмалку од септември 2016 година, односно додека инфлациските движења не се усогласат со целната годишна инфлација на среден рок од нешто под два отсто.

Почетокот на реализацијата на првата програма за откуп на државни обврзници временски се поклопува со сигналите за забрзување на растот на економските активности, за што сведочат и подобрите од очекуваните показатели на потрошувачката и останатите водечки економски показатели, објавени откако на 22 јануари ЕЦБ ја најави споменатата програма, наведува Reuters.

Претседателот на ЕЦБ, Марио Драги очекува дека банката со новите мерки ќе придонесе за натамошно подобрување на економските показатели во претстојниот период.

ЕЦБ воедно во четвртокот ја крена прогнозата за економскиот раст во еврозоната за ова и за наредната година. Во 2015 година сега се очекува дека економијата ќе порасне за 1,5 отсто, додека во декември лани беше прогнозиран 1-отстотен раст. Во 2016 година сега се очекува раст од 1,9 отсто, наспроти проектираните 1,5 отсто во декември.

„Најновите од низата економски показатели, а особено резултатите од анкетите со кои располагаме заклучно со февруари, укажуваат на одредено натамошно подобрување на економските активности на почетокот на оваа година. Што се однесува на иднината, очекуваме дека економскиот раст постепено ќе се прошири и ќе добие на сила“, рече Драги.

Годишната инфлација, која според прелиминарните проценки на Eurostat во февруари изнесуваше минус 0,3 отсто, оваа година би требало да биде на нула, а до 2017 година да порасне на 1,8 отсто, што е доволно близу целната инфлација за да сугерира дека ЕЦБ веројатно нема да продолжи со печатењето на пари по септември 2016 година, заклучува Reuters.

ЕЦб на денешната седница во кипарската престолнина ги задржа рекордно ниски каматните стапки од 0,05 отсто.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП