3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНа Волстрит пад втор ден по ред

На Волстрит пад втор ден по ред

berza zvonce

На Волстрит во средата цените на акциите паднаа втор ден по ред, бидејќи инвеститорите и натаму се претпазливи по неодамнешните историски рекорди што ги достигаа индексите Dow Jones и S&P 500 а пред објавата на извештајот за вработеноста во САД, што може значително да влијае врз пазарите.

Така, во средата индексот Dow Jones ослабе за 0,58 отсто, на 18.096 поени, додека индексот S&P 500 падна за 0,44 проценти, на 2.098 поени, а индексот Nasdaq се лизна за 0,26 отсто, на 4.967 индексни поени.

Падот на цените на акциите втор ден по ред на Волстрит е последица од внимателноста на вложувачите, откако во февруари индексите Dow Jones и S&P 500 скокнаа за повеќе од 5,5 отсто, достигнувајќи ги во понеделникот своите историски рекордни вредности, додека индексот Nasdaq истовремено се проби над психолошки значајната бариера од 5.000 поени, првпат по 15 години, односно од т.н. „дот-ком“ криза во 2000 година.

„Не би се осмелиле ништо да заклучуваме од овој дводневен пад на цените, бидејќи февруари за пазарите беше одличен. И натаму предлагаме купувања по секој пад на цените“, вели Дејвид Кац, директор во компанијата „Matrix Asset Advisors“.

Инвеститорите се претпазливи бидејќи следните денови ќе биде објавена серијата макроекономски показатели, а во петок се очекува владиниот извештај за вработеноста во САД, што вообичаено значително влијае врз пазарите бидејќи ги поттикнува шпекулациите дека американската централна банка Federal Reserve (Fed) ќе ги зголеми каматите, кон половината или на крајот од годината.

Аналитичарите во анкетата на Reuters проценуваат дека во февруари бројот на вработени во САД бил зголемен за 238.000 што е помалку во однос на 257.000 во јануари. Во средата објавениот извештај на консултантската компанија ADP покажа дека во февруари во приватниот сектор се отворени 212.000 нови работни места, односно 8.000 помалку отколку што се проценуваше.

Т.н. „беж книга“ на Fed покажа, пак, дека во повеќето региони и сектори економската активност од почетокот на јануари до половината на февруари пораснала. На продолжување на раст на американската економија укажува и извештаите на компанијата „Markit“ и на Институтот на менаџерите за набавка со благо јакнење на активностите во услужниот сектор. Сепак, растот на економијата на почетокот од оваа година е значително побавен отколку во второто минатогодишно полугодие.

Поради тоа и инвеститорите се претпазливи, што го потврдува и потпросечниот обем на тргувањето. На американските берзи во средата сопственици заменија 6,3 милијарди акции, додека просечниот дневен обем во последните пет дена изнесуваше 6,5 милијарди акции.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП