25 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСарачини се сретна со претставници на УСАИД

Сарачини се сретна со претставници на УСАИД

saracini_0702_g_0

Утврдување на слабостите кои влијаат на економскиот раст во одделни области и подготовка на анализи за нивно надминување, се клучните активности од проектот за дијагностика на инкузивен економски раст, за кој денеска разговараа  министерот за економија Ваљон Сарачини  и претставниците на УСАИД, Стивен Андерсон и Метју Хачерсон.

Дијагностиката, соопшти Министерството за економија, се однесува на анализа на развојот на методите кои на меѓународно ниво се воспоставени од пред 7 години, со цел да се идентификуваат слабостите кои влијаат на економскиот раст во поедини области и  да се развијат анализи за решавање на пречките односно слабостите на економскиот раст.

Од аспект на надлежностите на Министерството за економија, на средбата е презентирана кратка анализа која има исклучително влијание врз креирањето на бруто домашниот производ (БДП) во македонската економија во развојот на енергетиката, најновата состојба со капиталните и инвестициските проекти, либерализацијата на пазарот на енергија, примената на фидинг тарифа и стратегиските документи кои се донесени да ги поддржат тие анализи.

Министерот Сарачини ги информирал претставниците од УСАИД за инвестициските активности, меѓу кои за големите проекти ХЕЦ Чебрен и Галиште, ХЕЦ Бошков мост, гасификацијата на Република Македонија и енергетските интерконекции. Ги потенцирал и активностите во областа на енергетската ефикасност, како еден од главните приоритети на енергетската политика на Република Македонија.

На средбата се  дискутирало и за развојот на индустриската политика во однос на поддршката на малите и средни претпријатија во претприемништвото,  нивното учество во проекти и програми во надлежност на Министерството за економија, стратешките приоритети и услови за креирање конкурентска позиција, како на домашниот,  така и на надворешниот пазар.

Сарачини, се вели во соопштението, ја презентираше и состојбата со иновативноста и нејзиниот развој, новата Стратегија за иновации, учеството на малите и средни претпријатија во иновативните идеи, бизнис програмата за поддршка на конкурентноста, каде што постои посебна мерка за иновативност и мерките за зајакнување на соработката меѓу државата, бизнисот и институциите.

Една од темите на средбата беше и развојот на женското претприемништво, при што посебен акцент е ставен на потребата од отварање гарантни фондови или еквити фондови, кои финансиски ќе ги поддржат малите и средни претпријатија во новите бизниси и идеи и ќе ја заменат улогата на комерцијалните банки и кредити што им се единствено на располагање на тие претпријатија.

На средбата на Сарачини со претставниците на УСАИД е презентирана и платформата за Западен Балкан, што содржи проекти за поддршка на малите и средни претпријатија во вредност од 146 милиони евра.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП