Економскиот раст на Индија во наредната фискална година ќе надмине 8,0 проценти и ќе се врати на нивото последен пат забележано во 2010/11, соопшти вчера владата во Њу Делхи.
Во рамките на индиската економска прогноза, Владата наведува дека бруто домашниот производ (БДП) во фискалната 2015/16 ќе порасне од 8,1 до 8,5 проценти, во однос на прогнозата од 7,4 проценти за тековната година, пренесува агенцијата Франс прес.
Прогнозата изненади бројни економисти кои веруваат дека Индија поминува низ најтешката економска ситуација од 1980-тите.
Владата исто така предвидува дека инфлацијата во наредните години ќе изнесува од 5,0 до 5,5 проценти, што ги поттикнува наодите дека ќе дојде до дополнително монетарно олабавување.
Владата на премиерот Нарендра Моди дојде на власт во мај минатата година со ветување дека ќе иницира реформи, ќе ја оживее економијата и ќе привлече странски инвестиции кои се повеќе од потребни.
Моди вети дека ќе ја намали бирократијата, ќе го реформира даночниот систем и ќе ги измени прописите за купување на земјиште со цел привлекување на инвеститори и отворање на нови работни места за милиони млади лица.