26 јуни, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЦените на нафтата стабилизирани близу 61 долар

Цените на нафтата стабилизирани близу 61 долар

nafta 35

Цените на сировата нафта се стабилизираа во петок на меѓународните берзи на ниво од 61 долар, поткрепени од подобрите шанси на побарувачката и пречките во снабдувањето, а големите осцилации аналитичарите ги толкуваат со зајакнатите шпекулативни тргувања.

На лондонската берза цената на барел сирова нафта порасна 92 цента во однос на претходното затворање на 60,97 долари. Во САД барелот се тргуваше за 78 центи повисока цена, од 48,95 долари.

Во четвртокот цените на лондонската берза потонаа 2,6 отсто, а во САД 3,5 отсто, под притисок на рекордните резерви во САД. Во петок пазарите црпеа поддршка од еврозоната и Кина, кои сигнализираат подобра побарувачка, а поддршка им дадоа и пречките во снабдувањето од Либија, сметаат од холандската банка ABN Amro.

Така од водечката кинеска енергетска компанија China National Petroleum Corp порачуваат дека проценетата кинеска побарувачка за нафта оваа година ќе порасне три отсто.

Проблемите во производството и извозот од Либија и Ирак изминатите недели резултираа со затегнување на односот меѓу понудата и побарувачката на физичкиот медитерански пазар, додека норвешки Statoil ги затвори платформите во Северното море по откриените пукнатини на една од кулите.

Аналитичарите сепак предупредуваат дека растот на цените на лондонската берза во главно е резултат на шпекулациите и дека фундаменталните фактори не нудат објаснување за актуелното ниво на цените, со оглед на континуираното прекумерно снабдување.

„Сведоци сме на шпекулативно тргување и цените во еден ден можат да паднат или пораснат два или три отсто без било каква основа“, тврди Ханс ван Клиф од ABN Amro.

Организацијата на земји извознички на нафта(ОПЕК) објави во меѓувреме на својата интернет страница дека референтната цена на барел од нејзината нафта во четврток изнесувала 56,07 долари, што значи дека била 2,26 долари повисока од претходниот ден на тргување.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП