26 јуни, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНезири ги претстави поволностите за инвестирање во Македонија на самит во Турција

Незири ги претстави поволностите за инвестирање во Македонија на самит во Турција

nez

Министерот за економија Беким Незири во петокот на Меѓународен балкански економски самит во Бурса, ги претстави инвестициските можности во Република Македонија и поволностите во технолошко-индустриските развојни зони, како модел за рамномерен економски развој.

„Општините и економскиот развој – соработка на Турција со Балканот“ беше темата на која дискутираа претседателите на држави и влади и економските министри од балканските земји на ова трето издание на самитот во организација на асоцијацијата на индустријалци на Турција РУМЕЛИСИАД, градот Бурса и Стопанската комора на индустријалците на Бурса, а под покровителство на Владата на Република Турција.

„Странските директни инвестиции се главната определба во Република Македонија за остварување на економски раст. Посебно задоволство претставува фактот што се зголемува и инвестиционата активност на турски бизнисмени во Македонија, па во последните две години турските инвестиции надминаа 44 милиони евра, позиционирајќи ја Турција во првите топ 10-земји инвеститори. Покрај постојните, во очекување сме на стартот на инвестицијата на Веибо Груп во зоната Ранковце, во вредност од 400 милиони долари и на Истем Медикал од Турција, која наскоро ќе влезе со инвестиција од 10 мил. евра, а одлуки за инвестирање во Македонија има и од уште десетина турски компании“, рече Незири.

Тој  истакна дека Република Македонија е привлечна за турските компании пред сѐ поради добрата геостратешка локација, традиционалните пријателски односи со Турција, најниските даноци во регионот, поволностите кои постојат во ТИРЗ-овите, ниските производни трошоци, расположливата едуцирана конкурентна работна сила, заштитата на инвестициите, како и подддршка  на  инвеститорите од страна на Владата на РМ, која е бизнис ориентирана.

Осврнувајќи се на Технолошко-индустриските развојни зони како модел за рамномерен економски развој во државата Незири објасни дека со целосното заокружување на овој проект, во Македонија ќе функционираат вкупно 14 зони, со што ќе се придонесе за поттикнување на економскиот развој во општините во кои се проектирани зоните, овозможувајќи отварање на нови работни места и зајакната соработка на локалните деловни субјекти со компаниите кои ќе влезат во зоната.

„Токму во поглед на странските инвестиции, изминатата 2014 година е најуспешна за Република Македонија. Благодарение на нив, извозот за само една година се зголемил за 54 отсто во слободните зони, односно во 2014 година во  странство се пласирани стоки во вредност од 1 милијарда и 700 милиони  евра, а политиките кои ги креиравме и ги спроведуваме во насока на економски раст беа забележани и во меѓународните рангирања“, рече министерот Незири.

За време на престојот во Бурса, Незири оствари средба со заменик премиерот на Турција Булент Аринч, а заедно со градоначалникот на општина Чаир Изет Меџити се сретнаа и со градоначалникот на Бурса Реџеп Алтепе, валијата на Бурса Мунир Караоглу и турски стопанственици кои се заинтересирани за конкретни инвестициони проекти во Република Македонија.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП