10 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЕБОР со грант од 110.000 евра за зајакнување на капацитетите на КХВ

ЕБОР со грант од 110.000 евра за зајакнување на капацитетите на КХВ

eborjknvhiorg

Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) во четвртокот соопшти дека со Комисија за хартии од вредност (КХВ) работи на поттикнување на развојот на локалниот пазар на капитал во Македонија, со иновативни проекти кои ќе ги зајакнат регулативните рамки и ќе го подобрат квалитетот на супервизија на локалните пазари на капитал.

ЕБОР помага во изградба на соодветна финансиска инфраструктура и регулатива, која може да го направи потранспарентен и поефикасен локалниот пазар на капитал, преку грант во износ од 110.000 евра, доделен како техничка поддршка на КХВ. Финансирањето се искористи за набавка на соодветен софтвер за оваа намена и за изградба на капацитетот помеѓу вработените во КХВ, зајакнувајќи го супервизорскиот капацитет на регулаторното тело.

Со воведување на новиот софтвер, Комисијата ќе се опреми со точен и безбеден извор на податоци, доставени од учесниците на локалниот пазар на капитал.

Новиот софтвер ќе придонесе за поголема ефикасност и подобри стандарди на известување, поддржувајќи ја Македонија да се усогласи со регулативата на пазарите на капитал и правната рамка, согласно директивите на Европската Унија.

„Поддршката на развојот на локалните пазари на капитал е еден од приоритетите на ЕБОР во Македонија. Ова претставува значаен иновативен проект за пазарот на капитал во земјата. Ни претставува задоволство да видиме дека проектот е успешно имплементиран и истовремено сакаме да им се заблагодариме на нашите партнери, Комисијата за хартии од вредност, за нивната соработка и комплетирањето на проектот,” изјави Анка Јоана Јонеску, Претставник на  ЕБОР за Македонија.

„Ни претставува гордост да работиме заедно со ЕБОР на овој иновативен проект. Веќе можеме да ги воочиме предностите од модернизацијата на софтверот, кој ни овозможува да бидеме поефикасни и да работиме во согласнот со еволуцијата на локалниот пазар на капитал. Задоволство ни е што ја надградивме соработката со ЕБОР преку овој проект”, изјави Елизабета Чингаровска, Претседател на КХВ.

Комисијата за хартии од вредност на Македонија претставува независно регулаторно тело, со статус на правно лице, одговорно за имплементација на Законот за хартии од вредност, Законот за инвестициски фондови и Законот за превземање, како и секундарната регулатива, усвоена врз основа на овие закони.

ЕБОР е ангажиран во развојот на локалните регионални пазари на капитал, поддржувајќи го СЕЕ Линк, акционерско друштво основано од Бугарската, Македонската и Хрватската берза.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП