5 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАГрција ќе бара продолжување на договорот за заемот

Грција ќе бара продолжување на договорот за заемот

grcija-ecb-eu

Грција има намера во среда да побара продолжување на договорот за заемот со еврозоната, изјавил за Reuters дипломатски извор во Брисел, разликувајќи го тоа од целосната програма за финансиската помош.

Неименуваниот соговорник на агенцијата изјавил дека Грција ќе побара продолжување на програмата за меѓународната финансиска помош, но дека за условите се’ уште се преговара.

Изворот додал дека тоа барање ќе биде на основите на предлогот на европскиот комесар за економски и финансиски работи, Пјер Московиси. Грција вели дека била подготвена да го прифати, но документот е повлечен непосредно пред состанокот на Советот на министрите за финансии на земјите од еврозоната во понеделникот.

Новата влада на премиерот Алексис Ципрас, челникот на коалицијата на радикалната левица Сириза, одби да побара продолжување на програмата за меѓународна финансиска помош која истекнува 28-ми февруари, противејќи се на мерките за штедење коишто ги наметнува пакетот вреден 240 милијарди долари.

Ципрас повлече јасна разлика меѓу целосната програма за помош и прашањето на грчкиот долг. „Договорот за заемот е нешто сосема поинаку од програмата за помош“, им рече грчкиот премиер на пратениците од својата Сириза во вторникот.

Владин функционер во Атина рече дека Грција го разгледува тоа прашање, но го отфрли притисокот од министрите за финансии од еврозоната кои ја повикаа Атина до петок да побара продолжување на програмата за финансиска помош.

„Не прифаќаме ултиматуми. Нема да бараме продолжување на програмата за помош. Ја разгледуваме можноста да побараме продолжување на договорот за заемот, јасно разликувајќи го од програмата за помош“, рекол неименуван грчки функционер за Reuters.

Еврогрупата досега јасно даваше на знаење дека не се согласува на раздвојување на финансирањето на Грција и обврската за враќање на долгот од прашањето за штедењето и реформите коишто ги договорија претходните грчки власти предводени од конзервативците од Нова демократија на поранешниот премиер Атонис Самарас.

Претседателот на еврогрупата, Јероен Дојселблом изјави дека условите за продолжување на програмата за помош на Грција, незначително ќе се разликуваат од досегашните.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП